Пратениците одлучуваат за законот за сообраќајни прекршоци „безбеден град“

Собранието денеска ќе го одржи продолжението на 76. седница, на чиј дневен ред е гласањето за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Станува збор за последниот закон потребен за од 1 февруари да профункционира системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“.

Потребната поддршка од двотретинско мнозинство за законот, за кој расправата веќе е завршена, беше обезбедена на лидерската средба одржана минатата недела, свикана од премиерот Христијан Мицкоски. Единствено опозициската СДСМ најави дека нема да гласа за измените.-

Координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, Рина Ајдари, на прес-конференција одржана на 20 јануари изјави дека ќе дадат поддршка за Законот за прекршоците. Таа посочи дека доколку нивните забелешки не бидат имплементирани, во иднина ќе поднесат предлог за нови измени на законот.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, завчера на прес-конференција истакна дека иако проектот „Безбеден град“ бил започнат во нивно време, сега нема да го поддржат поради сомнежи за можна злоупотреба на личните податоци.

„Ние не сме против безбедноста во сообраќајот, доказ за тоа е што токму ние го започнавме овој проект. Меѓутоа, не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Покрај безбедноста во сообраќајот, подеднакво важна е и безбедноста на податоците, прашање кое власта ниту го коментира, ниту се обидува да го регулира“, изјави Филипче.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, одговарајќи на пратенички прашања претходно неделава, изјави дека во тест-периодот на „Безбеден град“ се спасени девет човечки животи, во споредба со истиот период минатата година кога на територијата на СВР Скопје биле евидентирани 11 смртни случаи од сообраќајни незгоди.

Со предложените законски измени се очекува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со технички средства и уреди за снимање преку системот „Безбеден град“. Целта е брзо и ефикасно санкционирање на прекршителите и зголемување на генералната превенција.

Во првата фаза, системот ќе регистрира брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање, додека во следната фаза е предвидено проширување на листата на прекршоци.

Откако системот целосно ќе биде пуштен во употреба, сопствениците на возилата кај кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање на записник со платен налог. Плаќањето ќе може да се врши електронски, а при навремена уплата нема да се наплатуваат дополнителни трошоци. За прекршоци за кои е предвидена и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Back to top button
Close