“Пратеникот е на мотор без кацига” СДСМ бара оставка од претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ
Јавноста е повторно сведок на безобразието и лицемерието на владејачката гарнитура и нејзините подмладоци. Денес зборуваме за Сергеј Попов – претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, кој е фатен како се вози мотор без кацига. Сликата е јасна, законите важат само за обичниот народ, додека партиските шефчиња можат да прават што сакаат.
Ова не е изолиран случај. Сергеј Попов има криминално досие зад себе. Да потсетиме дека во 2014 година, Попов бил фатен како вози пијан, со 1,43 промили алкохол во крвта, без возачка дозвола и причинил сообраќајна несреќа.
Имаме и судска пресуда која го потврдува сето ова. Денес, истиот тој Попов глуми морален авторитет. Глуми борец за правда. А токму тој е дел од тој расипан систем кој не почитува закони.
Но уште поголемо прашање: каде е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски? Каде се неговите “колнења во брат” дека секој што ќе прекрши закон ќе одговара? Ќе одговара ли Попов, господине министере, или законот не важи кога станува збор за вашата партиска младина?
СДСМ бара итна оставка на Сергеј Попов од двете функции – како пратеник и како претседател на УМС. Бараме МВР да постапи без одложување по последниот прекршок со моторот – и конечно да покаже дека законите важат за сите.
Присуството на Сергеј Попов во политиката е лош пример за младите. Овој човек не смее да биде некој на кој треба да се угледуваат тие.
Центар за комуникации со јавност на СДСМ