Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ ќе биде амбасадор во Црна Гора, а директорот на АНБ, Виктор Димовски, заминува во Франција

Директорот на Агенцијата за национална безбедност ќе биде амбасадор во Франција, додека пратеникот од СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ, заминува во Црна Гора. Ова се двајца од четворицата нови амбасадори кои ќе пополнат испразнети места во нашите амбасади. Третиот е Зулфи Исмаили, кој заминува како наш претставник во Постојната мисија во ЕУ во Брисел и Јован Манасијевски во Анкара.

Ова на денешниот брифинг го кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој најави дека веќе има уште тројца кандидати за амбасадорското место во Берн, Швајцарија, и за местата генерален конзул во Минхен и во Торонто. Но за нив не е завршена процедурата со добивање агремани и затоа нивните имиња остануваат засега во тајност.

Во вторник се очекува да се предложат уште две имиња за две амбасадорски позиции.

Османи денеска најави дека од први септември е започната, како што ја нарече, сеопфатна евалуација на работата на амбасадорите кои веќе ги извршуваат своите функции, за периодот септември 2021 – септември 2022 година, според, како што рече, квантитативни и квалитативни параметри. Врз основа на добиените резултати од оваа евалуација, Османи навести дека е можно да има и повлекување на оние што не ги исполнуваат критериумите.

Back to top button
Close