Правда изготви нов Кривичен законик, го испрати до Европската комисија

Министерството за правда денеска информира дека е изготвен новиот Кривичен законик (КЗ). Документот е преведен на англиски јазик и е доставен на мислење до Европската комисија (ЕК).

 

„Подготвени се и коресподентните табели како обврска од Билатералниот скрининг за Поглавјето 23“,информираат од Правда за МИА.

Откако ЕК ќе се произнесе за содржината на Кривичниот законик, доколку нема забелешки, документот ќе оди во владина процедура, а подоцна и во Собранието, каде што е потребно обично мнозинство за да биде усвоен.

Информацијата за усвоените измени на Кривичниот законик следува еден ден откако во извештајот за напредокот на земјава, Европската комисија, меѓу другото, вчера нотира дека е потребно носење на нов КЗ кој ќе биде во согласност со правото на Европската Унија и меѓународните стандарди.

Во извештајот објавен вчера, како негативно влијание врз борбата со корупцијата, особено за случаите на високо ниво, ЕК ги посочи ланските измени на Кривичниот законик со кои се намалија затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и злосторничко здружување. Комисијата оцени дека ваквите измени ја ослабнале правната рамка и прекинале многу од тековните предмети.

Усвојување на уставните измени и забрзана имплементација на реформите – повикува ЕК во Извештајот за напредокот на С Македонија

По доаѓањето на функцијата во јуни годинава, министерот за правда Игор Филков најави дека Кривичниот законик повторно ќе се менува, како метод за анулирање на настанатата состојба од минатогодишните контроверзни измени на КЗ.

Back to top button
Close