Правда контра неправда

Локалните избори завршија. Убедлив победник во изминативе две изборни години е ВМРО-ДПМНЕ. Победија на претседателските избори, на парламентарните избори и денес на локалните избори. Со овие победи партијата ВМРО-ДПМНЕ ја презема сета одговорност за нашиот напредок! Или можно стагнирање.

Дали граѓаните ќе имаат побезбеден и подостоинствен живот или ќе се продолжи со бедата која денес владее во нашата држава, ќе биде прашање за чиј одговор ќе одговори или одговара владеачката партија. Повторувам, во одговорноста кон државата и граѓаните во дадениов момент е клучот за прогресот во рацете на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Партиското славење за постигнатите резултати и убедлива победа помина. Силните зборови и ветувања од веќе избраните градоначалници, симболичното, триумфално минување низ Триумфалната порта на Скопје, треба да бидат многу повеќе од моментален триумф. Треба да станат реалност.

Во демократските системи, каква е и нашата држава, кога една партија во слободни демократски избори ги освојува сите државни институции, може да биде и добро и лошо.

Не сакам да зборувам за едноумието низ кое ние граѓаните на Република Македонија го поминувавме во бившата СФРЈ.

Во тоа едноумие имаше многу недостатоци во поглед на слободата и слободата на изразување. Меѓутоа, животниот стандард во тогашните времиња остана трајно запаметен кај многумина сѐ уште живи мои сограѓани, како време кога се живееше подобро во споредба со денес.

Во нашата држава, по изборите, ќе имаме една партија која ќе владее со државата. Опозицијата е целосно руинирана. Имам впечаток дека следниве неколку години ќе живееме еднопартиски систем, како во старите времиња на едноумието. Се надевам ќе нѐ води умноста во таков систем.

Најбитно е како ние граѓаните ќе го доживееме наредното четиригодишно владеење. Затоа повторувам, одговорноста е најсилниот атрибут кој треба да ѝ даде карактер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, задача која мора да ја научи и спроведува.

За ваква сериозна одговорност се потребни образовани, чесни и искусни поединци кои ќе дадат силен допринос за креирање вистинско и праведно општество со визија за членство во ЕУ и умешност за подигање на животниот стандард и владеење на правото во нашето секојдневие.

По мое лично убедување партијата ВМРО-ДПМНЕ мора да се отвори кон граѓаните и да прими во структурите на системот и поединци кои не се дел од партиското членство.

Со таков објективен чин ќе покажеме димензија дека партијата и партискиот живот ќе се ресетираат во нивната функционалност за добробит на граѓаните и просперитет на државата. Дали за овој чин сме спремни?

Прашање кое ме мачи и мене и многумина мои сограѓани.

Анализирајќи го повеќепартискиот систем, кој се практикува во нашата држава полни 35 години, дојдов до следниот заклучок.

Во раните 90-ти години, партиските состави зрачеа со интелектуални личности, посебно во албанскиот блок. Некогашната партија ПДП за мене беше партија составена од високи интелектуалци коишто за жал мораа да заминат од политичката сцена, бидејќи милитантноста завладеа во Македонија по војната во 2001 година.

Последниве локални избори покажаа дека во албанскиот блок милитантноста е на изумирање и дека повторно се обновува граѓанскиот концепт, претставен преку ВЛЕН-ВРЕДИ.

Прв пат во историјата на локалните избори се случи да бидат избрани градоначалници од помалите етнички заедници, што претставува силна порака дека навистина отпочнуваме да градиме едно вистинско граѓанско општество.

Дали правдата конечно ќе излезе на виделина за многу сторени злосторства кои ние граѓаните ги имаме почувствувано?

Изминаа полни 5,5 години од стечајот на Еуростандард банка. Сите правни и физички лица, клиенти на банката, се исплатени од стечајната маса. Стечајот сѐ уште трае и натаму се собираат финансиски средства во стечајната маса.

За мене и натаму се води истрага во Јавното обвинителство, со една лажна порака која треба да ја добијам од сторителите за убиството на Еуростандард банка.

Нарачателот на ова злодело, сивата еминенција и натаму е недопирлива, бидејќи при себе ги има сите политички партии кои доаѓаат на „баци рака”.

Екс-гувернерот, госпоѓата Бежоска, која со нејзина одлука ја однесе Еуростандард банка во стечај и денес е почитувана екс-гувернерка во нашето секојдневие.

Како може гувернер кој има силна моќ и инструменти за консолидација на банкарскиот систем во случајот со Еуростандард банка, истите да ги прескокнува?

Денес е јасно, Еуростандард банка не смееше да се носи во стечај. Прашувам, кој ќе одговара за овој грозоморен чин?

Најлесно е да се префрли вината кај сопственикот и истиот да биде нападнат од органите за гонење.

Јас сум обичен граѓанин во државата како и секој друг. Моите дела, хуманоста како човек кој неизмерно си ја сака татковината, говорат за мене. Со што сум заслужил да се води 5,5 години истрага која е сосема бесмислена и срамна? Имам 5,5 години замрзнат имот кој не смеам да го стопанисувам ниту отуѓувам. Цената за убиството на Еуростандард банка ја платив трикратно повеќе отколку самиот капитал во банката.

Сакам да верувам дека актуелната влада ќе преземе конкретни мерки за расчистување на овој злостор.

Нема да останам мирен додека не ги изведам пред суд сторителите на овој чин. Легнувам и се будам со прашањето, зошто ова мене ми се случи. Токму затоа, не сакам вакви криминални дела да продолжат да ја бербатат саканата Македонија и недолжните граѓани.

 

Правдата мора да победи.

Добитник сум на сите највисоки награди во нашава држава, токму поради хуманите дела во државата.

Ако навистина градиме вистинска држава, тогаш мораме да ги браниме интересите на сите оштетени сограѓани од системот. Корупцијата и криминалот се како плевел. Мора од корен да се чисти.

Ја охрабрувам владата на Република Македонија да отпочне вистинска борба против организираниот криминал и корупција, независно од нивната верска, етничка и партиска припадност.

Без преземање на силни чекори против ова општествено зло ќе останеме запаметени само како ветувачи, а не како исполнувачи на кажаното, на јавно дадените ветувања. Ако успеат во сузбивањето на криминалот, ќе успееме во сѐ! Неправдата ќе биде заменета со правда.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close