Правите јавен линч за самопромоција, а молчите за криминал“: Арсовска жестоко удри по Антикорупциска

Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, упати остра реакција до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), откако нејзиното име се најде на листата функционери кои не поднеле анкетен лист по престанокот на функцијата. Таа ги обвини антикорупционерите за непрофесионалност, тенденциозност и обид за „јавен линч“.

Арсовска во дописот тврди дека за обврската дознала од медиумите, наместо институцијата уредно да ги извести функционерите на кои им престанал мандатот.

„Очигледна неинформираност или намера за деградација?“

Во својата реакција, Арсовска истакнува дека фактот што дури 35 поранешни градоначалници се нашле на истата листа е доказ дека ДКСК потфрлила во својата работа да ги информира.

„Доколку ја извршувавте вашата функција соодветно и доследно, немаше тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација. Да бевте професионални, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение, наместо да правите себепромоција преку медиумите“, пишува Арсовска.

Поранешната градоначалничка упати сериозни обвинувања дека Комисијата се занимава со административни прекршоци наместо со вистинскиот криминал.

„Добро ќе беше да сработите нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали, вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како трагедијата во Кочани, наместо да се заканувате со прекршочни глоби за обврска за која не сте не информирале“, стои во реакцијата.


„Зошто сум прва на листата – дали затоа што сум најсиромашна?“

Арсовска, која дописот го потпишува и како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа, побара објаснување за методологијата по која е креирана „црната листа“.

„На кој начин ја креиравте листата каде како број 1 сте го објавиле моето име? Дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да му се осветите?“, прашува таа.

На крајот, таа информира дека поднесува Изјава за имотна состојба во која наведува дека нема никакви промени во нејзиниот имот согласно денот на завршување на мандатот.

Back to top button
Close