Правната држава на отстрел

Во Хрватска, последната членка примена во ЕУ во 2013 година, граѓаните имаат најмала доверба во независноста на судството. Тоа го покажуваат најновите резултати од годишното испитување на Европската комисија, според кое на дното на листата на земји чии граѓани веруваат дека судовите и судиите не се независни од надворешни притисоци и влијанија, се најдоа главно земји од Источна Европа, меѓу кои, освен Хрватска која е на дното, се и Словачка, Полска, Бугарија и Романија.

Оптимизмот за една нова и демократски обединета Европа, со почитување на принципите на правна држава и човековите права, беше изразито голем по завршувањето на Студената војна и проширувањето на ЕУ со нови членки од Централна и Источна Европа. Но атмосферата во Европа, за што потврда е и споменатото испитување на Европската комисија спроведено во јануари годинава, сега е поинаква. Во повеќе ЕУ-членки развојот се одвива во погрешна насока, при што демократијата и владеењето на правто не се продлабочиле врз стабилна основа. Во исто време ЕУ се соочува со тешкотии во настојувањата да се преземат ефикасни мерки против членките кои не го следат системот на нормите и основната регулатива.

За разлика од некои членки од „старата Европа“, Австрија, Данска, Финска, Шведска и Холандија, кои се на врвот на листата на Европската комисија, со мошне добра или прилично добра доверба во независноста на судството, (преку 80 отсто меѓу испитаните граѓани), во Хрватска, со чиј прием во членството засега застана проширувањето на ЕУ во регионот на Балканот, состојбата е обратна, односно околу 70 отсто од Хрватите имаат мошне или прилично лоша доверба во независноста на судството.

Земјите од Западен Балкан не се опфатени со испитувањето, но веројатно не е тешко да се претпостави дека кај нив состојбите во правосудството се и уште полоши. Во Македонија, која до пред неколку години од страна на Европската комисија беше третирана како „заробена држава“, довербата во функциониањето на правната држава меѓу граѓаните и понатаму е на мошне ниски гранки. Какви се изгледите за менување на состојбите, во постизборната македонска реалност во која повторно доминираат тешки и компликувани преговори, фокусирани пред сè врз доминатните партиски интереси и персонални решенија за освојување на политичките позиции на моќта, засега е тешко да се согледа.

Но дали всушност постои и доволно изградена свест за тоа што треба да претставува правната држава, и принципот на владеење на правото, во услови кога голем број граѓани мака мачат и едноставно секојдневно се борат со изнаоѓање решенија за најелементарните егзистенцијални решенија.

Правната држава во најширока смисла на зборот го претставува скелетот на едно општество каде што граѓаните можат да очекуваат дека демократски усвоените правила се почитуваат на еден предвидлив и објективен начин. Затоа не е преусилено да се рече дека една демократија не може да функционира во пракса без да биде правна држава. Токму затоа актуелната дебата која се води во Европа го допира прашањето на поврзаноста меѓу засилените популистички тенденции и ослабнувањето на правната држава.

Почитувањето на заедничките правила е темелот врз кој функционира ЕУ, посебно кога станува збор за слободното движење во рамки на Унијата. Целата европска соработка во таа смисла се засновува врз респектот и ефикасно функционирање на судската заштита. Доколку една членка ја загрозува независноста на судството, се поткопува целата ЕУ-соработка.

Со тоа се доведува во прашање и веродостојноста на самата ЕУ. Внатрешната димензија на веродостојноста се однесува на можностите на ЕУ ефикасно да ја спроведува својата политика. Но како уште поважна се смета надворешната димензија, преку која ЕУ дејствува и се потврдува како силен меѓународен актер во однос на прашањата поврзани со јакнењето на правната држава. Но дали тоа воопшто би било можно доколку ЕУ не претставува урнек во тој контекст, не само за своите сегашни членки, без исклучок, туку и за оние земји кои аспирираат кон членство.

Последниот самит на ЕУ-лидерите, со развлечени дискусии и спротивставени мислења околу усвојувањето на програмата за помош за санирање на економските последици предизвикани од корона пандемијата, покажа дека решавањето на големите проблеми сепак се одложени за во иднина. Меѓу нив и прашањето за почитување на принципите на правната држава делумно остана да виси во воздухот.

Многумина сега предупредуваат дека без стриктно инсистирање на бескомпромисно почитување на правната држава и владеењето на правото, гигантските трансфери на милијарди евра како неповратна пкмош на разни земји-членки, всушнот го зголемуваат ризикот од создавање на корумпирана и државно-капиталистичка унија со низок раст. Хрватска, на пример, доби вкупно фантастични 22 милијарди евра од фондот за закрепнување од коронавирусот и од седумгодишниот буџет, двојно повеќе пари отколку што досега имала преку сите фондови на ЕУ.

„Мораме да дејствуваме брзо, решително и заеднички“, се потенцира во дебатниот текст, потпишан од претседателката на Европската комисија, Урсула ван дер Лејен и еврокомесарот за внатрешни прашања, Илва Јохансон, објавен деновиве во неколку европски весници. Иако во нивниот напис никаде децедино не се потенцира јакнењето на правната држава, тешко може да се очекува дека борбата за почитување на принципите на владеење на правото – е изгубена. Напоредно, стануваат сè посилни барањата за примена за строгите механизми на санкции за сите прекршители.

Правната држава не може да биде ставена на отстрел. Од сите што не ја вадат ЕУ од устата, и посакуваат и се трудат да бидат дел од неа, се очекува јасно да покажат дека навистиона го сфаќаат тоа.

 

Ивица Челиковиќ

 

 

Back to top button
Close