Правната сигурност е главен предуслов за здрава економија, порача Мицкоски

ж Фокусот на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучиво во економијата. Најпрвин е потребно да обезбедиме правна држава. Во моментов немаме правна сигурност за нашите инвестиции и немаме предвидливи економски политики, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во гостување во дебатна емисија на Телевизија 24. Мицкоски  рече дека немаме доволно квалитетна и квалификувана работна сила, пред сè високообразована, но и со средно образование и занаетчии, посочувајќи го како пример дефицитот од заварувачи зашто или ги нема или заминале надвор од државата.

За да дојдат луѓе кои ќе инвестираат во земјава или домашни инвеститори што ќе инвестираат во производни процеси, истакна Мицкоски, треба да има функционална правна држава.

– Јас не зборувам за економија која ќе се темели на популистички интервенционизам, нешто се случуваше во изминатите три години. Додека се намалуваше продуктивноста на работникот, се зголемуваа примањата, бидејќи се интервенираше со некои репресивни методи кон бизнис-заедницата. И на тој начин се намалуваше продуктивноста, се зголемуваше практично платата. Не, ние зборуваме за природен раст на вработеноста и природно намалување на невработеноста, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека ако луѓето чувствуваат дека нема правна сигурност за нивните инвестиции тогаш тие, рече, нема да се чувствуваат комотно и нема да инвестираат во државата.

-Затоа, правната сигурност и правна држава се главен предуслов за здрава економија. Главен предуслов е да имаме функционална правна држава, истакна Мицкоски, додавајќи дека тоа го нема во изминатите 30 години.

Во телевизиското гостување лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече и дека  до крајот на мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата ќе стигне над 18.000 денари.

Back to top button
Close