Правниот тим нa Боки 13 предупредува на алармантно влошување на здравјето

Правниот тим на Бојан Јовановски, познат како Боки 13 јавува за алармантно влошување на здравјето.

„На ден 07.03.2023 на ЈЗУ УК за ГЕХ Скопје, на осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13, му беше напревена Горнодигестивна ендоскопија, Гастроскопија , при која инвестигација, во наодот од истата е констатирано крајно и алармантно влошување на здравствената состојба на Бојан Јовановски, со предлог за оперативен третман тотална гастректомија со езофаго-јејуно анастомоза, односно целосно отстранување на витален орган желудник, бидејќи врз пациентот терапевтскиот третман не е спроведуван, ниту реализиран, односно со ова медицинско иследување и наод се потврдува фактот дека осудениот Бојан Јовановски нема услови и можност да се лекува и да се третира во пенални затворски услови.

Наодот од извршената гастроскопија е рефериран и одобрен од стручниот колегиум на Клиниката УК за ГЕХ Скопје. Животот на осудениот Бојан Јовановски е ставен во ризик, бидејќи извесно е во секој момент да настане компликација која ќе биде фатална по неговиот живот, па наместо законита постапка имаме состојба на хазардерско постапување од страна на надлежните органи, а како влог е ставен животот на осудениот Бојан Јовановски! Оттука, потенцираме дека Основниот кривичен суд Скопје веќе цели 4 месеци нема донесено правосилна одлука по барањето за прекин, постапка која по својот карактер и итна, а истовремено судот не презема никакви дејствија и не одлучува по жалбената постапка ниту во разумен рок, иако до судот навремено се доставени сите овие медицински докази и од страна на одбраната се преземени сите расположливи средства предвидени со закон, но за жал, негативната тенденција и тортура кон осудениот Боја Јовановски е поголема од сите реални факти и законски основи за уважување на барањето за прекин на издржување на казна затвор. Воедно ја информираме јавноста дека на ден 01.02.2023 година поднесено е барање за прекин и до директорот на Управата за извршување на санкциите, кој е суверен во својата одлука и не е врзан со одлуката на судот, но и од овој орган нема сѐ уште одлука!

Ја информираме општата и стручната јавност дека оваа агонија и тиранија кон осудениот Бојан Јовановски трае повеќе од 7 ( седум ) месеци и дека во текот на двете последователни постапки за прекин кон судот и кон двете постапки за прекин кон Управата за извршување на санкциите, од страна на одбраната се поднесени безброј писмени поднесоци, темелени врз основа на цврсти медицински докази кои укажуваат на сериозноста и животно-загрозувачкиот карактер на болеста на осудениот Бојан Јовановски, кој е дефинитивно предмет на нечовечно однесување, истиот се третира како експериментален предмет, а не како човек, врз осудениот Бојан Јовановски веќе несомнено се спроведува тортура од највисок степен и му се нарушуваат сите загарантирани човекови права согласно Устав и согласно Европската конвеција за заштита на човекови права.

Вакво институционално постапување и директно изживување од позиција на моќ е незапаметено во поновата историја, дотолку повеќе што однапред предупредувавме во барањата за прекин дека доколку осудениот Бојан Јовавски не се лекува и третира согласно специјалистичките извештаи и конзилијарните мислења на десетици специјалисти и суб-специјалисти, ќе дојде до оваа крајна и непосакувана последица, а тоа е операција со висок ризик на смртност и настанување на траен инвалидитет кај Бојан Јовановски. После сето ова веруваме, но не сме убедени, дека за Бојан Јовановски еднакво важи загарантираното Уставно начело на неповредливост на физичкиот и психичкиот интегритет, како и за сите други граѓани во Р.С.Македонија.

 

Оттука, јавно прашуваме на кого му одговара да настанат смртоносни последици по животот на осудениот Бојан Јовановски?

Дали системот свесно, организирано и координирано, секојдневно и стихијно го убива Бојан Јовановски?

Кој ќе понесе одговорност за веќе настанатите последици по здравјето и животот на Бојан Јовановски?

Осудениот Бојан Јовановски беше осуден и пред да биде осуден со пресуда на сомнително правен начин, но тоа е тема за друго идно време, а на оваа тортура мора да се стави крај! Знаеме и свесни сме од каде доаѓаат наредбите за ова изживување кон Бојан Јовановски, но по словото на законот и легалитетот ќе се бориме со сите законски средства до крајна линија на секој расположлив начин со наредбодавачите и извршителите на оваа системска тортура и линч!

Порачуваме дека не се откажуваме од намерата за правдата да добие светлост на денот и дека не се плашиме од директните и индиректните закани, од причини што бранејќи ги правата на осудениот Бојан Јовановски, ја браниме законитоста, а преку тоа ја браниме и правната стабилност која е сериозно разнишана преку вакви негативни примери.

И секако важно за напомена е дека барањето за прекин на издржување казна затвор претставува институт од времен карактер, а не ослободување од изречената санкција!

Во прилог на ова соопштение ви го испраќаме специјалистичкиот извештај од извршената Гастроскопија од УК за ГЕХ Скопје од 07.03.2023 година и дополненијата на барањата за прекин на издржување на казна затвор кон судот и Управата за извршување на санкциите од 08.03.2023 година од бранителот м-р Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје.

Согласно вашите потреби и цели на вашето информирање, согласни сме да користите содржина од доставените прилози и истите да ги објавите и прикажете и визуелно во целост, согласно ваша одлука и потреба“, се вели во соопштението.

Back to top button
Close