Правниот застапник на М-НАВ: Забраната за штрајк на ССКЛ е законска, не сме побарале забрана на синдикално делување и на идни штрајкови

Наоѓањата на Граѓанскиот суд за забрана на штрајкот што на 20. месецов го најави Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ се апсолутно вистинити и законски основани. Решението е донесено од искусен судија кој има оставено белег во судот, оцени денеска Горан Николоски, овластен застапник на М-НАВ А.Д.

Барањето за забрана на штрајк се однесува за точно најавен штрајк, со точно определени датуми и планови и програми за делување. Станува збор за целосна забрана на штрајк, кој е незаконски, а М – НАВ не побарал забрана на синдикално делувањето и на сите идни штрајкови, рече Николоски на прес-конференција, пренесувајќи го ставот на УО на М-НАВ дека организирањето на штрајкот е лична одмазда од Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.

Според Николоски, „Судот правилно утврдил дека известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос, дека не е спроведена постапка за заштита од работен однос и оти ССКЛ како подружница нема правен легитимитет да организира, реализира и спроведува штрајкови“.

– ССКЛ е организиран како подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски. ССКЛ со оглед на начинот на кој е регистриран нема правен легитимитет и правен субјективитет и не може самостојно да презема дејство. Целокупното постоење и функционирање е исклучиво во рамки на Независниот синдикат. Согласно позитивните прописи секој регистриран синдикат задолжително се запишува во регистарот на синдикати што се води во надлежното Министерство. Во тој регистар под реден број 65 е запишан Независниот синдикат за сообраќај и врски, а никаде не е запишана ССКЛ и согласно тоа не можеме да кажеме дека станува збор за синдикат кој презема мерки на основа на закон, рече Николоски.

Тој дополни дека организирањето на подружницата како Синдикат воопшто не постои во правниот систем на државата. – Во правниот систем организирањето на подружниците постои согласно Закон за трговски друштва, каде се организираат подружници на трговските друштва, постои подружница определана во Законот за здружение на граѓани и фондации. Синдикатите се организираат и основаат единствено на база на одредбите на Законот за трговски друштва. Одлуката на Судот е законска и транспарентна, наведе Николоски.

Како што укажа, причините за организирање на штрајкот апсолутно се нејасни за УО на М-НАВ и вработените. – М НАВ е државна компанија со високо ниво на заштита на работничките права, за услови за работа, плата и останати права кои се обезбедени и заштитени. Доколку станува збор за вистинска заштита на работнички права со која треба да се поправат или унапред тоа треба да биде организирано на база на синдикално делување каде со мнозинство од членовите на синдикатот треба да се донесе одлука за стапување во штрајк, посочи адвокатот на М-НАВ.

Дополни и дека УО на М -НАВ „со право констатира оти организирањето на штрајкот и обидот за негово спроведување е лична одмазда од Александар Тасевски, кој е претседател на Независниот синдикат и на подружницата ССКЛ.

– Веруваме дека станува збор за негова лична одмазда. И пред најавувањето на штрајот на прес-конференции сееше страв во јавноста дека ќе ни паѓаат авиони дека Македонија ќе биде центар на авионски несреќи. Со таквите изјави не само што се внесуваше страв меѓу населението, корисниците и пилотите, а се создаваше паника и кај контролорите на летање кои ги користеа системите. Од тогаш досега не се случија никави несреќи а и нема да се случат затоа што станува збор за професионалци. Причина зошто е ова одмазничко однесување, би истакнал согласно еден поранешен премиер, којшто велеше семејна фирма до трето колено. Прашајте го Тасевски каде бил вработен неговиот татко, дали во М-НАВ и правните претходници, каде бил вработен неговиот дедо, неговиот брат, и дали кога неговата ќерка и брат не успале да влезат кај него се создава желба за лична одмазда, рече Николоски.

Не е точно, посочи тој, дека Тасевски воопшто не бил запознаен со поднесеното барање за забрана на штрајкот за што беше известен на сите четири мејл адреси. Поканата за рочиште му беше веднаш доставена. Изјавата дека биле спречени да присуствуваат на рочиштето се апсолутно неосновани затоа што ако имаше намера да се присуствува немаше да се избегнува доставата, рече адвокатот на М-НАВ.

За тврдењето на М-НАВ дека штрајкот што беше забранет е продолжение на најавениот штрајкот од 2023 година и оти е завршен процесот на помирување, Николоски наведе дека штрајкот од 2023 е завршен и прекинат со Спогодба.

– Дури и да станува збор за реактивирање, во известувањето мора да ставите што од Спогодбата не е спроведено. Доколку постојат реални прични за штрајк Независниот синдкат за сообраќај и врски во кој како подружница е регистриран ССКЛ има право со конкретни барања за заштита од работен однос да организира штрајк.Такви барања воопшто не се доставени, оцени Николоски.

Back to top button
Close