Православните христијани го слават Бадник


Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник”.

Ветераните Мојсо Мојсовски и Ванчо – Иве Стевков ќе бидат кум и здравичар на прославата оваа година, додека како почит и пиетет кон Марко Илковски кој починал, неговиот внук кој го носи неговото име ќе биде синоним на младоста и продолжувањето на традицијата на членување и работа на бадникарите за продолжување на убавата традиција започната во 1993.

Ќе бидат делени бадникарски гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно.

Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници.

Семејството на Бадник се собира на заедничка посна трпеза и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Во сите храмови утрото по Бадник се служи празнична Божикна литургија.

Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Back to top button
Close