Православните верници го слават Богојавление-Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

 

Празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој уште се вика и Претеча што значи претходник. Тој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча. Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крштевал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крстеи со Дух Свети и со оган.“ (Лука, 3/16)

 

Овој настан се нарекува Боголавление (Епифанија – јавување). Во почетокот на празнувањето на Богојавление, во овој празник биле слеани повеќе спомени, меѓу кои и Раѓањето Христово. „Во четвртиот век празниците биле одделени, така што Христовото раѓање било пренесено на 25 декември, на денот кога паганите го празнувале богот на Сонцето, а христијаните го празнуваат Сонцето на правдата.“

 

Крштевањето се изведува преку потопување во водата. На тој начин верникот излегува од водата измиен од гревовите. „Според Јован Дамаскин, Христос се крсти за да ги уништи главите на демоните во водата, бидејќи постоело сфаќање дека демоните живеат во водата; за да го измие гревот и да го погреба целокупниот стар Адам во водата, за да го освети Крстителот затоа што не го освети Претечата Христа туку Христос го освети Претечата, кога последниов ја стави својата рака врз Христовата глава; за да го исполни законот; затоа што Он Самиот го даде и не требаше да испадне негов престапник, за да ја открие тајната на Света Троица, бидејќи во тој час имаме јавување на Света Троица; за да стане образец на нашето крштение коешто е совршено крштение и се врши со вода и Дух Свети.“

 

Со своето крштевање во реката Јордан Исус ги освети водите. И денеска на денот Богојавление се извршува осветување на водите „Така по осветувањето водата престанува да биде вода на падот и станува вода на обновување, бидејќи се соединува со несоздадената благодат Божја“.

Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана

И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Како што изјавија за МИА од Скопската православна епархија, годинава се пријавени 157 граѓани кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.

Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која ќе чиноначалствува архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.

По завршување на литургијата, во 11:30 часот поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде околу 11:45 часот ќе започне „Водосветот“, а неколку минути по 12 часот, архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар.

На чинот на осветување на водите на реката Вардар и положување на светиот крст ќе присуствуваат и премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Кристијан Нинески беше најсреќниот меѓу многубројните верници кои денеска на Богојавеление – Водици скокнаа во реката Вардар и го извади осветениот крст.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

Back to top button
Close