Празни политики

Празните зборови не се и не можат да бидат политика, уште помалку културна политика. Празните ветувања поткрепени со празни зборови не се и не можат да бидат политика, уште помалку можат да бидат културна политика. Празни глави не можат да осмислат културна политика, уште помалку можат да ја спроведуваат. Теоријата не е празни зборови, но ние теорија во културата/културната политика – немаме. А немаме ни пракса. Затоа и немаме културна политика, а се чини дека веќе немаме ни култура!

Зашто, да ја имавме, ќе ја имавме ли онаа и онаква состојба во манастирот Матејче и црквата Св Богородица (14 век), состојба којашто запрепастува не само заради неразбирливиот вандализам туку уште повеќе заради негрижата на државата за највредното културно наследство? Ама ќе имаме договор со Бугарија и ќе започнеме пристапни преговори за членство во ЕУ? И? Со што ќе одиме во тоа ЕУ? Со скинати гаќи, со празни џебови, со гробишта среде главниот град, со оној морбиден Парламент, со онаа еднакво морбидна „Бела шампита“ викана Влада на СРМ, со ова морбидно Скопје… со уништено вековно културно наследство на и за сметка на овие морбидитети? Со пратеници кои и не знаат што е тоа Матејче или Св.Софија, кои не знаат и не ги интересира што се случува во Преспа, ама знаат дека мора за нив да има патни трошоци? Зашто, да беше поинаку, зарем немаше барем еден да отвори уста и да каже два збора? Нели, згора, имаат и Комисија за култура или и таа служи за украс и за збирање на патни трошоци?

Во Европа и во светот има цели држави помлади од македонските средновековни цркви и манастири, од Нерези, Курбиново, Матејче, Бигорски, Св. Софија… Но во Европа и светот процесите се обратни од нашите: таму државите прогресираат, се развиваат, кај нас наследството се девастира, се уништува, не разбирајќи дека со тоа систематски се уништува и државата! Станавме ко расипана плоча верглајќи дека државата е култура и дека без културата нема држава. Ама други ни продаваат приказни дека не е важно што и како било вчера туку е важно што и како е денес! И дека нема држава без економија, без онаа бизМис заедница закачена врз вратот на сите граѓани на државава. Ќе пушти ли некој официозус глас за систематското (дали и планско?) уништување на културното наследство, за Преспанското езеро, за мозаиците во Св. Софија… ? Или повторно ќе не’ замајуваат со Бугарија и нејзините ништожни калкулативни аспирации? (Па читајте го Вангелов, по ѓаволите!). Та животот ли ни зависи од тие и такви „соседи“? Ма дајте, ве молам, децава уште не тргнати в училиште „дебатираат“ за Бугарите и чиј е Гоце Делчев, а не знаат колку и какви музеи има во Скопје, од кој век е Нерези, што е тоа Скупи… Ние можеби и ќе се договориме со алчнава Бугарија, можеби ќе им ја препуштиме и целата историја, ама ќе добиеме – што? Помош и добрососедство, амин за влез во ЕУ? Како да не. Ние можеби до 2024 година навистина ќе отвориме 80% од од поглавјата во преговорите со ЕУ, ама дотогаш ќе загубиме 80% од скапоценото културно наследство! Направил ли некој соодветна калкулација: што добиваме а што губиме?

Имаме едно чудо „надлежни“ институции во заштитата, ама ги имаме само на хартија. И на платен список – цел баталјон неспособни и полуписмени етнопартиски војници, лепачи на плакати, викачи по митинзи, мафтачи со знамиња… Кога последен пат некој од фамозниот Национален конзерваторски центар бил во Матејче или во Св. Софија, кога последен пат некој од уште пофамозната Управа за заштита на културното наследство бил некаде на терен, па и на двете спомнати места, меѓу останатите? Која и каква е нивната работа, за што добиваат плата, која и каква е нивната одговорност за најскапоценото во државава и ќе ги повика ли конечно некој на рапорт? Министерката, премиерот? Ќе се ослободи ли оваа држава некогаш од такви кочоперни обломови и лешпери или и понатаму ќе бидеме прифатен центар за сите такви неспособни партиски кадри?

Во овој глобализирачки свет сериозните држави отвораат пресвртни страници обединувајќи ги политиката, економијата, екологијата и културата во заеднички растечки процес и ресурси. Ние – намерно ги цепкаме, ги раздвојуваме, мислејќи дека тие немаат взаемни врски. Новата различност и нејзините пратечки парадигми во светот наложуваат промислени културни политики на сите рамништа. Ние ја немаме ниту на едно рамниште. Традиционалните културно-политички односи помеѓу „внатре“ и „надвор“ одново се актуелизираат, како впрочем и политиките на идентитетот, културното наследство и различноста, улогата на уметниците и формите на културната едукација… Ние, за жал, ништо од тоа не разбираме и мислиме дека нашата провинциска итерпејовштина е доволна за овој современ свет. Ама не е, и тоа скапо (ќе) го плаќаме. Надворешно-политичките гафови и внатрешно-политичките вратоломии, отсуството на културна мисла и девастацијата на културното наследство, неукоста, необразованоста и некултурата… надвиснатата страотна бугаризација на историјата… се огромен, цивилизациски хендикеп на овие генерации. Од наша некогашна предност, ние ги претвораме во влог на коцкарската маса на иднината ризикувајќи засекогаш да ги загубиме. Ама со тој влог оди и идентитетот, традицијата, минатото, културата… државата! И уште една: читајте го Вангелов, по ѓаволите!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close