Празнична историска статистика на Тошковски- Криминалот бил на најниско од кога се тие на власт

Во кругот на МВР денеска се одржа централната свеченост по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, на која се обрати министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во своето пригодно празнично обраќање, Тошковски истакна дека македонската полиција останува клучен столб на безбедноста, стабилноста и владеењето на правото, нагласувајќи дека институциите имаат капацитет одлучно да се справат со криминалот и корупцијата.
„Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за повеќе од шест проценти. Сузбиени се 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица. Во делот на борбата против корупцијата беа реализирани повеќе значајни постапки, вклучително и случаи од висок профил, а сузбиени се и четири криминални групи. Особено е значајно што вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2%, што исто така претставува највисоко ниво во истиот период“, се фалеше Тошковски.
Тој посочи дека паралелно со безбедносните активности, Министерството интензивно работи и на модернизација на институцијата и унапредување на услугите кон граѓаните.
„Реновирани се управните служби во Скопје, а отворени се и осум нови управни служби низ државата, со што значително се подобрува достапноста на услугите. По повеќе од 15 години набавени се 120 нови современи службени возила, технолошки опремени и поврзани со дигиталните системи на Министерството, што овозможува побрзо и поефикасно постапување на терен“, нагласи Тошковски.





