Пред 35 години: Јуриш врз главниот штаб на Штази
Штази, како што населението го нарекуваше министерството (Staatssicherheitsdienst – Служба за државна безбедност), беше најважниот систем за рано предупредување и апарат за репресија на Партијата за социјалистичко единство на Германија (СЕД).
„Донесете малтер и тули!“
Штази не можеше да го спречи падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година. А со тоа ни сопствениот пад. Девет дена по ненадејното отворање на границата, тајната полиција на ГДР беше преименувана во Служба за национална безбедност (АфНС). Ново име, стар состав – така гледаше тогаш огромното мнозинство од 17 милиони источни Германци.
Штази беше главна тема на собирот наречен Централна тркалезна маса, кој се одржа во Берлин пред 30 години, на 15 јануари 1990 година. На собирот беа претставници на стариот режим од владата на премиерот Ханс Модров и граѓански активисти. Се разговараше за иднината на трошната ГДР. На тој ден граѓанската иницијатива „Нов форум“ повика на протести пред седиштето на Штази. „Донесете малтер и тули“, пишуваше во еден флаер. Идејата беше симболично да се заѕида тајната служба. Тоа беше напад врз штабот „со имагинација и без насилство“.
„Државата сѐ уште се немаше предадено“
На тој повик се одзваа илјадници луѓе, меѓу кои и Арно Полцин од Источен Берлин. Тогаш имал 27 години, а едно, вели, никогаш нема да може да го заборави. „Фактот што можеше неказнето да се влезе во тој комплекс.“ Без отпор, без контрола. Напротив. Кога Полцин влегол во штабот на Штази, кој бил херметички затворен со децении, видел униформиран полицаец на горниот кат од една од зградите. „Беше очигледно дека тој не беше таму за да ги исплаши луѓето или да ги избрка“, вели Ползин за ДВ. Полицаецот со „интерес и љубопитност“ следел што се случува таму. Тоа била симболична слика за Полцин.
Со јуришот врз штабот на Штази падна и последното упориште на тајната служба на ГДР. А, сѐ започна на околу 300 километри југозападно од Берлин. Уште на 4 декември 1989 година, во Ерфурт, уметникот Габриеле Штецер и група жени организираа окупација на локалната зграда Штази. Границите меѓу Истокот и Западот во тој момент беа отворени, но сè уште не беа сигурни дека сѐ е завршено. „Државата тогаш сè уште немаше поднесено оставка“, вели Габриеле Шецер за ДВ. Припадниците на полицијата, армијата и на Штази сè уште беа вооружени. „Над ГДР сè уште висеше темнина.“
И покрај тоа, жените собрале храброст и побарале да влезат во локалната зграда на Штази. И вратата навистина се отворила. На зачудените службеници им објасниле што сакаат. „Вие ги составивте нашите досиеја, а тоа е наша сопственост. Сакаме да го спасиме тоа сега. Сакаме да видиме дали ќе го уништите.“
Претходно го известиле градоначалникот
„Не се плашевме“, вели Габриеле Штецер. Акцијата била планирана – претходно го информирале градоначалникот што имаат намера да направат. А, испратиле барање до државниот обвинител да ги запечати просториите на Штази за да се зачуваат досиејата. „Знаевме дека ова е и големо богатство, наше богатство.“ Нивните животи биле запишани во тие документи – тоа бил аргументот од кој почнале. А со овие досиеја, Штази настојувал да владее со нив, вели Габриеле Штецер.
Оваа млада жена и претходно била непријател на државата: во 1976 година, таа протестирала со други граѓански активисти против одземањето на државјанството на музичарот Волф Бирман. За ова, таа била осудена да помине една година во женскиот затвор Хоенек.
И покрај казната, таа одбила да се пресели во западна Германија и се борела за својата егзистеницја во ГДР како слободен уметник. Штази и натаму ја надгледувал.
Габриеле Штецер сè уште го смета за „генијален и грандиозен“ начинот на кој таа и нејзините истомисленици ја урнаа тајната служба по падот на Берлинскиот ѕид. Неверојатната вест од Ерфурт се проширила низ тогашната ГДР – дека граѓаните успеале да влезат во зградите на Штази и дека никој не пукал во нив.
Но, во Берлин процесот траеше подолго. Маркус Мекел, кој накратко беше министер за надворешни работи на ГДР во 1990 година по првите слободни избори, има веродостојно објаснување за ова: ГДР беше централизирана држава и центарот на моќ беше во Берлин, а со тоа и центар на репресивниот апарат. А, Штази можеше да се отстрани само со слабеење на владата, наведува Мекел. Тој момент дојде на 15 јануари 1990 година.
Капитулација на Ханс Модров
Три дена по јуришот на седиштето на Штази, последниот комунистички шеф на владата на ГДР, Ханс Модров, попушти и нареди распуштање на тајната служба. „Голема заслуга“ на националното собрание или парламентот на ГДР беше што досиејата на Штази подоцна беа отворени, оценува Мекел за ДВ. Ова беше решено и покрај противењето на Западна Германија, вели тој.
Западногерманскиот канцелар Хелмут Кол всушност сакаше да ги држи овие досиеја под клуч. За да се спречи ова, Арно Полцин и неговите истомисленици извршија втор напад врз комплексот на Штази во Берлин во септември 1990 година – успешно. Најважна цел на граѓанските активисти беше постигната: „Моето досие ми припаѓа мене“. Во тој момент, Арно Полцин се плашел дека западногерманските тајни служби би можеле да добијат пристап до досиејата „пред граѓанските активисти на ГДР воопшто да имаат шанса да дознаат што се случува таму“.
Маркус Мекел: „Тоа беше навистина големо дело“
Без ангажман на граѓанските активисти, распуштањето на Штази и отворањето на досиејата речиси ќе беше незамисливо. Досиејата на Штази, како што беше одлучено во 2019 година, на среден рок ќе го заземат своето место во германскиот Сојузен архив. Последниот министер за надворешни работи на ГДР, Маркус Мекел, смета дека ова е добро решение и посочува дека овој случај сепак може да послужи како модел и за другите земји од поранешниот источен блок. Јуришот во седиштето на Штази на 15 јануари 1990 година за него има посебно, историско значење. „Тоа беше навистина големо дело. Тоа е важно и мора да се запише и да се запомни (dw)