Пред Соборниот храм се одржа централно одбележување на Бадник

Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа централното одбележување на Бадник. Кум оваа година е Зоран Кондратенко, а здравичар Јаков Дренковски.
Во своето обраќање Кондратенко нагласи дека како овогодишен кум има обврска заедно со моите претходници и наследници во годините што следат да бидат чувари на оваа убава традиција, на обичаите врзани за чествувањето на Бадник и Божиќ и на скопскиот градски дух.
-Неслучајно оваа традиција се роди и се негува токму во нашето Скопје – градот на солидарноста, толеранцијата, традицијата и меѓусебното почитување, рече Кондратенко.
Дренковски истакна дека убаво е да се видат вакви убави лица каде што човек ќе посака да запее и да ви внесе мир во душите, а преку зборовите да ви дарува здравје и разбирање.

-Сите треба во текот на минатата година можеби не сме биле внимателни, па некои работи на својот полигон каде што сме работеле, не сме доживеале добри успсеси. Затоа посакувам верувајќи во вашето самодоверба во вашата иницијатива дека оваа година тој мал неуспех ќе го претворите во голем успех, рече Дренковски.
На бината со новиот кум и здравичар застанаа и се обратија и тројцата градоначалници на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, на Општина Центар Горан Герасимовски и на Општина Сопиште Јане Мицевски.
Ѓорѓиевски на сите верници им посака радост, здравје и среќа и мир во нивните домови.

-Ова се празници кои што од една страна не доближуваат до Бога, а од друга страна ни даваат можност да се обединиме како народ а тоа ни недостасува на сите нас вистинско обединување. Се надевам дека оваа година освечн здравјето, среќата, пред се ќе не прати обединувањето. Ова е традиција повеќе од три децении за коешто морам да им честитам на организационит одбор во моментов кој ја води традицијава, рече Ѓорѓиевски.
Герасимовски порача да се почитува Бадникарската традиција што не поврзува и не сплотува.
-Дабовите гранчиња нека ни донесат здравје, среќа и бериќет во секој дом. А на бадник и Божиќ да подадеме рака на сите на кои им е потребна помош, изјави Герасимовски.
Претходно, членови на Бадникарскиот одбор заедно со новиот кум Зоран Кондратенко и новиот здравичар Јаков Дренковски, во пресрет на централната манифестација Бадник 2026, утрово ги посетија штитениците на Домот за стари лица Мајка Тереза, за да им ги честитаат големите христијански празници Бадник и Божиќ.
Утрово, пак, на двата влеза во дворот на Соборниот храм, традиционално се делеа бадникови гранчиња. Тие беа осветени, по што беше подигнато Бадникарското знаме и беше интонирана македонската химна.
По завршувањето на церемонијата новите кумови со ќупот заедно со здравичарот со пајтон ќе го напуштат храмот „Свети Климент Охридски“ и ќе се упатат кон своите домови поздравени од скопјани.






