Предизборна кампања

Ако пред 3 до 4 години се срамевме да кажеме дека сеуште незачнатото бебе има долг од 2,500 евра сега тој долг се искачува на 5,000 евра – со прости зборови кажано, ние живееме не со сработените, туку со позајмените пари. Прекинете да не лажете, дајте пораки до народот дека мора да се работи и заработи долгиот здрав и лагоден живот.

Настојувам да не ги гледам предизборните кампањи како на водечките партии, така и на помалите партии, кои што бараат место во политичкиот свет, несвесни дека ни од далеку немаат капацитет за такво нешто. Настојувам да не ги гледам не затоа што ми е не важна иднината на општеството и мојата земја, туку напротив, затоа што ми е многу важно. А, кампањите не нудат ништо освен омалуважуваки и лажно ветувачки концепт.

Ќе се обидам да бидам практичен и едноставен со цел да ви го претставам моето видување за актуелната предизборна кампања.

Големите партии кои се борат за власт во македонскиот блок ветуваат толку убавини, што човек би посакал цело време да живее во тој розев, речиси пасторален, пејзаж кој го нуди ваквата предизборна кампања, бидејќи следното утро по изборите ќе се соочиме со нашето сурово секојдневие.

Лицитирањето со странските инвестиции, животниот стандард, вработувањата, задоволните граѓани е основното сиже на сценаријата креирани од ПР агенциите на партиите предводени од ВМРО И СДСМ. Но, се прашувам кој сеуште верува во таквите испразни зборови, илузорни надежи кои немаат допирни точки со реалниот живот на граѓаните.

Најпрво се најавува зголемување на просечната плата и кај обете партии, како и директни сериозни инвестиции. И едните и другите најавуваат фантазмагоричен економски бум.

Почитувани мои читатели како може тие политичари катадневно да се во нашите домови и, најпросто кажано, да нѐ лажат. Како може да се зголеми просечниот личен доход ако нема економски динамичен развој да го поддржи тој личен доход.? Небаре државните институции се печатници за пари кои ќе ги делат великодушно на граѓаните.

Да биде еднаш и засекогаш јасно дека секоја држава мора да има приливи првенствено за сопствените потреби, за пензионерите и социјално загрозените групи.

Државата не ствара бруто национален доход, туку напротив таа зафаќа 40% од севкупниот бруто национален производ во Македонија. Владата е најголемиот потрошувач на тешко спечалените финансиски средства.

Не сме социјално богата држава, туку напротив влегуваме во редот на една од најзадолжените земји во светот. Ако пред 3 до 4 години се срамевме да кажеме дека сеуште незачнатото бебе има долг од 2,500 евра сега тој долг се искачува на 5,000 евра – со прости зборови кажано, ние живееме не со сработените, туку со позајмените пари.

Прекинете да не лажете, дајте пораки до народот дека мора да се работи и заработи долгиот здрав и лагоден живот.

Научете ги нашите граѓани дека првенствено треба да работи за себе и дека од неговиот личен труд ќе зависи неговиот животен стандард.

Не го учите народот да живее во соништа и со долгови, бидејќи еден ден тие пари ќе мора да се врата, што би рекле старите БРАТ ЗА БРАТ – СИРЕЊЕ ЗА ПАРИ.

Од друга страна многу се интересни новите политички играчи на политичката сцена во Македонија како: „Глас за Македонија, Граѓански концепт, Интегра, Граѓанско Демократска Унија и други”. Едните се борат за името, другите за владеењето на правото, а третите со футуристички идеи, кој што македонецот тешко може да ги прифати, а камо ли да ги реализира.

Почитувани мои таканаречени лидери… симнете се на земја! Бидејќи политиката е професија, а не простор за реализирање на приватни интереси, или пак за билдање на грустрациите на незадоволеното его. Жал ми е што во Македонија не постои политика, туку политиканство и лажење, и тоа само со една цел – кој ќе биде газда на владиниот буџет и кој ќе го стопанисува. Политичката борба се претвора во најригиден израз во борбата за пари. Пари и моќ, а не благородни јавни интереси и заеднички добра.

Во албанскиот блок поради најавите за можно бојкотирање на ДУИ, која објективно е најсилна албанска партија, поради барањето албанец за премиер, се најавува малцинска Влада со позајмени пратеници меѓу двата најголеми политички блока, и господинот Села од Алијанса на Албанците, повикува според мене многу дрско, на еден антидржавен став дека албанците ќе формираат своја Влада. Замислете почитувани читатели, во унитарна држава да постојат две национални влади!

Сакам да порачам до политичарите од Албанскиот блок, доколку унитарноста на Македонија ви смета, барајте федерализација. Имаме многу примери на држави членки на Европската Унија кои се федерализирани и функционираат беспрекорно, како Сојузна Република Германија, Австрија, а би ја додал и Швајцарија.

Не гледам причина по секоја цена да ја браниме унитарноста доколку меѓу политичките субјекти, а и меѓу граѓаните во Македонија се постави прашањето за чисти сметки.

Убеден сум дека овој мој личен став ќе предизвика голема бура меѓу политичарите, па и граѓаните, меѓутоа унитарноста на Република Македонија мене ништо не ми значи, ако таа е дисфункционална.

Затоа до сите политички лидери сакам да испратам порака: ПАМЕТ ВО ГЛАВА, со цел да не се предизвикаат дејствија кои ќе придонесат повторно до поделби и крвопролевање.

На крајот од мојот омилен Блаже Конески ќе ви ја препорачам песната МОЛИТВА, бидејќи во неа е содржана сета мудрост на човекот кој длабоко се соочува со бездната која ја согледува, која ја живее, но сепак, собира сила да се помоли за поблагородни времиња.

 

МОЛИТВА

Спаси ме Боже, од болните луѓе
што се накажани,
та не се криви,
нивната злоба умерено суди ја,
самите од неа одвај се живи.

Тие се мислат повикани да водат
како Мојсија и другите пророци
а самите не можат да се ослободат
и влечат по себе ситни пороци.

Дај Господе, што помалку очите да
им ги бодам –
штом тие лево ќе фатат,
јас десно да одам.

Извор: Инбокс7

Back to top button
Close