Предизвик

Несомомнено е дека со децении, па сѐ до денес, ние, Македонците кои ја имаме таа слобода да се идентификуваме како Македонци за разлика од Македонците кои го немаат тоа право во соседна Бугарија и Грција, го минуваме можеби најтешкиот пат во потврдувањето на нашата самобитност.

Македонските преродбениците активно работeле на нашата Македонска посебност, обидувајќи се да го аргументираат и потврдат различниот идентитет од останатите словенски народи, започнувајќи кон крајот на 19 век и првата половина на 20 век. Преродбениците се бореа за нашата автентичност и посебност како култура, традиција и јазик. Некои од нив се бореа со оружје, некои како гемиџиите со диверзии со цел да го привлечат вниманието на Отоманската империја и останатите Европски држави сакајќи да докажат дека во склоп на Отоманската империја постои посебен народ со сопствен идентитет – Македонци. Некои се бореа и со перото, но сите тие дејци имаат заеднички именител, а тоа е нашата македонска посебност.

Илинденското востание на почетокот на 20 век, беше задушено во крв од страна на Отоманската империја. Следеше Отоманскиот распад на Балканот, а во втората декада од 20 век се водеа Балканските војни во кои што Србија, Бугарија и Грција ја черечеа денешната територија на Македонија, а сите овие поробувачи од петни жили се трудеа да нѐ асимилираат. Следеше Првата светска војна во која ние Македонците кои масовно гиневме во туѓите војски, и истовремено обезбедувајќи им храна на тогашните војски кои војуваа на Солунскитот фронт, со Версајскиот договор бевме избришани како народ.

Следеше Втората светска војна во која за прв пат ние, Македонците, добивме шанса и ветување од тогашната Комунистичка партија на Југославија дека ќе имаме сопствена држава со нормирана сопствена историја, култура и јазик. Жално е што токму комунизмот ни ја пружи раката, давајќи ни политички амбиент во кој ќе ја добиеме сопствената слобода за самоопределување и самостојна држава. Од друга страна, благодарност до Комунистичката партија што токму тие имаа доблест и успеаа да ја разберат нашата македонска посебност, одделувајќи нѐ од Србите, Бугарите и Грците.

 

Денес се води неправедна војна од страна на Бугарија кон нас, Македонците, во која се негираат нашата посебност, култура и јазик. Жално е што во денешно време држава како Бугарија користи орудија за насилна асимилација на која модерниот свет одамна им рекол збогум. Нашиот светол 11 Октомври, ден од кога отпочнува партизанското востание во далечната 1941 година, денес Бугарија го споредува со 11 Септември денот кога најпознатите близначки во ЊуЈорк беа срушени од терористички напад. Не можам да разберам која е целта на соседна Бугарија кон нас, Македонците. Непобитен факт е дека во бившата ФНРЈ, а потоа СФРЈ, предводена токму од комунистите успеавме да ја оформиме по сите светски стандарди нашата македонска посебност како нација. Блаже Конески, таткото на модерниот Македонски јазик не ќе можеше да го создаде денешниот кодификуван современ македонски јазик доколку ја немаше поддршката од останатите држави кои беа во склоп на поранешната ФНРЈ-СФРЈ.

За мене, местото и улогата на бившата федерација е огромно за нашата Македонска посебност. Непобитен е фактот дека ние, Македонците како нација сме најмладата нација на Балканот. Јас од тој факт не се срамам. Историјата што си поиграла ние да се издигнеме на национално ниво во систем кој денеска не постои е прашање на кое што треба да дадат одговор историчарите.

Почитувани читатели, Македонија на својот Евро-Атлантски пат ги помина сите голготи невидени на европскиот континент. Историски Македонија и ние, Македонците никогаш не сме имале силни сојузници во големите европски и светски држави, бидејќи сојузништвото во основа е взаемен однос, а Македонија и ние Македоонците ниту сме можеле, ниту сме имале можност да се приближиме кон силни држави во светот кои денес би биле наши ментори.

Водечките Европски држави кон Република Македонија се однесуваат како кон сираче. Им дозволуваат на нашите соседи Грција и Бугарија да се изживуваат со нашата држава, а посебно со нашата национална посебност. Денешна Македонија вистинска подршка има единствено од бившите ЈУ републики со кои имавме можност да створиме взаемен однос, а тоа се Словенија, Хрватска, БиХ, Србија и Црна Гора. Токму овие држави се денеска единствената подршка на Македонија за нејзиниот пат кон Европското семејство.

Заклучувам дека е голема штета што уште во создавањето на ФНРЈ-СФРЈ не се создаде Балканска Федерација во чиј склоп ќе имавме можност многу подобро се запознаеме и живееме заедно со останатите Балкански држави и нации, а тоа се Албанија, Грција, Бугарија и Романија.

Мое лично мислење е дека доколку постоеше ваква Балканска федерација никогаш немаше ваквите прашања да бидат на дневен ред меѓу Македонија и Грција поврзани за името и Македонија и Бугарија, поврзани за нашата идентитетска посебност.

Порачувам да градиме мостови каде ќе преовладува почитта и взаемната желба за креирање на меѓусебни односи и заеднички просперитет.

Дали Балканска Федерација ќе може да биде одговор за наше заедништво? Јас сум убеден дека тоа е единствениот пат Балканот да го реши својот Гордиев јазол.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close