Предлог-буџетот за 2023 на владина седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе jа одржи 98-та седница, на чиј дневен ред е Прeдлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година.

Минатиот месец во колумна министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека буџетскиот дефицит ќе продолжи да се стеснува и со новиот буџет за 2023 година, со што се оди со постепена фискална консолидација.

Во колумната, Бесими посочува дека догодина доспеваат и стари обврски во износ од 800 милиони евра, меѓу кои и еврообврзницата од 450 милиони евра издадена од 2016 година. Каматите за наредната година изнесуваат околу 240 милиони евра, или вкупно доспеаниот долг заедно со каматите надминува милијарда евра.

– Сепак, имајќи ги предвид сите мерки кои ги планираме во насока на фискална консолидација, ние остануваме на патеката на постепено намалување на дефицитот. Согласно контурите на буџетот за следната година, фискалниот дефицит постепено се стеснува, за да одговори на среднорочните таргети. Очекувањата за следната година се буџетскиот дефицит да се намали во однос на оваа година, со што ќе продолжиме веќе трета година по ред со намалување на дефицитот по 2020 година, односно по ковид-кризата, пишува Бесими во колумната.

На среден рок, како што посочува, има уште неколку бедеми кои треба да се надминат по однос на финансирањето на доспеани обврски, пред се обврските акумулирани за време на ковид-кризата, но, вели, со умерен пристап и миксот на штедење и водење на соодветни политики кои ќе го поттикнат растот и зголемат приходите, ќе ги премостиме и нив.

Според Бесими, се оди со постепена фискална консолидација, која ќе го поддржи економскиот раст. Миксот, како што наведува, се состои од подобрување на наплатата на буџетските приходи преку зајакнување на административните капацитети и подобрување на услугите на УЈП и Царина, мерки за намалување на сивата економија и даночна реформа, намалување и реструктурирање на буџетските расходи, намалување на тековните расходи, поголема поддршка на приватниот сектор, поддршка на иновациите и зајакнување на конкурентноста, ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите и промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит, репрограмирање на јавниот долг, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства, Развоен фонд за стратешки инвестиции и мобилизирање на финансиски капитал од меѓународни финансиски институции и приватниот сектор.

Back to top button
Close