Предлог закон кој не им одговара ниту на предлагачите

Никако да излезам од темата за изборниот модел која се наметнува сама по себе. Во изминативе два месеца анализирав и повеќе теориски модели, но исто така и практични искуства од примената на различни изборни системи. Колку и да се разновидни постоечките искуства секогаш се појавуваат и нови варијанти кои се помалку или повеќе оригинални.

Така, во меѓувреме во јавноста беше пласиран и предлогот за отворени листи за локалните избори. Од она што ми беше достапно очигледно е дека овој предлог нема да значи збогатување ниту на теоријата, ниту на праксата на изборните модели. Предлогот е толку лош што единствено што им преостанува на предлагачите е да го повлечат предлог законот и доколку навистина сакаат да се оди со отворени листи на претстојните локални избори веднаш да изготват нов.

 Овој предлог закон е само потврда на претходно изнесената констатација дека изборниот модел многу ретко се бира свесно и со внимателна анализа, туку многу често е случаен резултат на необични околности и трули компромиси.
 Помалите партии укажаа на некои слабости на предложениот модел, но тие не се во право кога велат дека овој предлог е насочен против нив. Јас дури и би имал некакво разбирање за големите партии, би ми било симпатично да се потруделе да смислат нешто во нивна полза, да се обиделе да стекнат некаква предност користеќи ја својата позиција, но ова не е дури ни тоа. Ова е ординарна глупост и елементарно непознавање на материјата. Ваквиот предлог не е насочен против малите партии туку против сите искуства, против логиката и пред се и над се против демократизацијата на изборниот процес. Одредбата за 3 посто од вкупниот број на запишани гласачи не ги погаѓа само малите партии туку сите актери во изборниот процес, пред се кандидатите за советници, но и партиите, како и самата суштина и смислата на концептот за отворени листи, неговиот raison d’etre. Предлогот е толку промашен што го обесмислува самиот концепт на отворени листи и преференцијалното гласање. Секогаш и секаде во обзир се земаат само оние гласови кои ги освоила одредена партиска листа и поедини кандидати во рамките на таа листа, со што се утврдува нивната популарност помеѓу електоратот.
 За да ја доловам бесмисленоста на предлогот само би направил аналогија дека доколку ваквиот принцип би се применил на парламентарните избори, за да биде избран пратеник на отворени листи би морал да освои скоро 60.000 гласа. Неверојатно, нели.
 Склон сум да верувам дека оној кој ја смислил ваквата одредба имал некаква нејасна идеја да им стави цензус на партиите меѓутоа ги измешал нештата и ја промашил целта. Зошто оваа одредба не ги погаѓа малите партии, затоа што на локалните избори постои природен праг кој варира од општина до општина, но кој секаде е поголем од 3 посто. Така да, дури и да остане овој несериозен предлог тој нема да ги оневозможи малите партии да освојат советници доколку го исполнат изборниот праг. Тој само ќе ги оневозможи гласачите да ги изберат токму оние кандидати во кои имаат најголема доверба.
 Колку е неосмислен овој предлог ќе илустрирам само со фактот дека цело време сите партии тврдат дека избирачките списоци се несредени, дека вкупниот број на гласачи е нереално висок, дека списоците мора да се прочистат и да се сведат на вистинска мера, а во овој предлог закон како репер за утврдување дали некој е избран се нудат токму тие и такви списоци.
 Освен овој лимит од 3 посто од вкупниот број на запишани гласачи текстот е конфузен и во други свои одредби. Се нуди решение освоените гласови внатре во одредена партиска листа да се делат по Донтовиот метод. Да се каже дека е глупост и гаф е малку. Донтовата метода се користи за да се утврди како се распоредени мандатите помеѓу партиите. Откога ќе се примени Донтовата метода се знае точно колку и дали некоја партиска листа освоила мандати и тие внатре се делат на различни начини но никако повторно по истата метода. Може по редослед, може според тоа кој има најмногу преференцијални гласови, ова може да биде условено со процент од гласовите за одредена листа, може да биде со пондерирани гласови, но во ниеден случај по Донтовиот метод.
 Иако не е глупост од рангот на претходните забелешки, сметам дека не е добра ниту одредбата за неважечки ливчиња. Таму стои дека за да биде важечко ливчето мора да биде заокружен и бројот пред партијата и бројот пред кандидатот. Ова не е добро решение бидејќи преференцијалното гласање вообичаено се дава како можност, а не како обврска. Значи гласачот може, но не мора да гласа и за поединец, а неговиот глас секако оди за партијата. Јас би предложил дури и ако некој гласал само за одреден кандидат , а не ја заокружил партијата сепак да се смета за јасно изразена воља и ливчето да биде важечко. На тој начин би се избегнала реалната опасност од голем број на неважечки ливчиња бидејќи се работи за нов начин на гласање кој може кај дел од гласачите да предизвика конфузија.
  Се надевам дека предлагачите ќе ги земат во предвид забелешките кои беа искажани изминатите денови и на тој начин ќе се избегне донесување на лош и конфузен закон кој всушност не им одговара ни ним самите.
Љупчо Довичински

Back to top button
Close