Предлог законот за установи за средно образование на верските заедници го помина комисискиот филтер
Собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска даде поддршка за Предлог законот за установи за средно образование на верските заедници, поднесен од пратениците од власта и го проследи на натамошна собраниска процедура. За овој закон беа поднесени 22 амандмани – 10 од пратениците од власта и 12 од пратеникот на Европскиот фронт Сали Мурати. На Комисијата беа прифатени 11 амандмани.
Целта на овој закон, како што е наведено во образложението на предлагачите, е да се обезбеди најдобриот интерес на учениците запишани во Богословското училиште – Скопје и Средното теолошко училиште „Иса Бег“ – Скопје, преку создавање законска можност за полагање на државна матура согласно со Законот за средното образование и Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит. Со тоа, како што се посочува во законот, се овозможува непречено продолжување на нивното образование на универзитетите во Република Северна Македонија.
-За општообразовните предмети, согласно наставниот план, ќе се применуваат наставните програми за гимназиско образование, утврдени од министерот за образование и наука. Наставните програми за предметите од областа на православната, односно исламската религија и теологија, ќе се изработуваат од страна на соодветните верски училишта и ќе се одобруваат од нивниот основач. Стручната и советодавната поддршка за наставниците кои реализираат општообразовни предмети во верските средни училишта ја обезбедува Бирото за развој на образованието, согласно со своите надлежности. Учениците запишани во Богословското училиште – Скопје и Средното теолошко училиште „Иса Бег“ – Скопје имаат право да полагаат државна матура, согласно со Законот за средното образование и подзаконските акти донесени врз негова основа, вклучувајќи ја Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит. Учениците кои успешно ќе положат државна матура стекнуваат право да го продолжат своето образование на високообразовни установи во државата. Дополнително, учениците кои добиле диплома за завршено образование во Богословското училиште – Скопје и Средното теолошко училиште „Иса Бег“ – Скопје, се стекнуваат со право да го продолжат своето образование и на високообразовни установи основани од верските заедници во Република Северна Македонија, во согласност со закон и со условите утврдени од самите установи, се вели во Предлог законот за установи за средно образование на верските заедници.
По одбивањето на првиот амандман поднесен од пратеникот Мурати, тој нагласи дека тековната формулација на законот создава дискриминаторски третман што ги фаворизира само две верски заедници, додека ги исклучува Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и еврејската заедница и други верски заедници и религиозни групи. Потенцира дека со овој облик каков што е, ниту еден уставен судија нема да го прифати овој закон.
-Тука не се еднакви како во членот 19 или амандманот 7, тие се уставни категории. Ваквото селективно регулирање претставува класична примена на дискриминација по верски основи, без разлика колку се тие. Ние сме за подобрување на законското решение, да биде балансот помеѓу верските слободи и да нема мешање на државните институции во независноста на верските заедници. Тука веднаш ќе дојдеме до проблеми од уставен правен аспект, рече Мурати.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска нагласи дека поднесените амандмани на пратеникот Мурати стануваат непотребни, бидејќи, како што рече, измените кои ги предлагаат пратениците од власта ги решаваат сите проблеми кои тој ги навел во неговите амандмани.
-Дванаесет години се прави обид да се донесе овој закон и минатата година донесовте закон кој Уставниот суд ви го сруши. Зошто тогаш не реагиравте со вакви амандмани кога бевте на власт? Туку дозволивте да се донесе закон кој Уставниот суд кажа дека е неуставен. Јас само ви велам дека со првиот прифатен амандман од пратениците од власта, веќе нема потреба од вашиот амандман затоа што токму како што вие велите е направена и направена корекција во законот. Исполнети се условите од уставот како што вие пишувате во вашиот амандман. Во сите следни амандмани се случува истото. Се бришат двете училишта и се менуваат со верските училишта. Без договор со верските заедници во земјава сте одлучиле да донесете неуставен закон, рече Јаневска.
Пратеникот на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари, Халил Снопче истакна дека самиот факт дека предлог-законот е предложен со недостатоци во првиот драфт, покажува дека не е добро испланиран.
-Првиот драфт на овој предлог-закон што помина во Собранието, за кој што гласавме и јас гласав и ќе поддржам било каков закон. Не сум уставен експерт, меѓутоа јас коментирам на тоа што коментиравте вие. Самиот факт дека е предложен со недостатоци во првиот драфт, покажува дека не е добро испланиран. Требало колешката Иванка Василевска со другите колеги да интервенираат и вие врз таа интервенција кажувате дека сега веќе се исполнети уставните услови. Значи, во првиот драфт не биле исполнети. Како можете да предложите таков закон кој е неуставен? Јас се плашам да не биде блеф од ваша страна. Да не блефирате? Имаше еден драфт што падна на Уставен суд. И ова е грижата. Грижата е да не правиме блеф сега како што правиме честопати и да паѓа на Уставен суд. Јас не сум експерт и нормално цврсто сакам да верувам дека сега ќе се коригира со овие интервенции. Треба да бидеме внимателни да не блефираме. Не заслужуваат тие родители и деца да влезат уште еднаш во голгота. Самиот факт дека сега со освојувањето на овие амандмани ќе бидат уставна категорија, веќе нема да има пречки со Уставот. Зошто сме дозволиле првиот предлог да не биде во ред?, рече Снопче.
На Снопче му одговори министерката Јаневска. Таа нагласи дека законодавниот дом е тој што треба да ги допрецизира и поправи нештата.
-Не сум рекла дека е противуставно и не е несериозна Владата кога предлага нешто. Но, затоа постои законодавниот дом да ги допрецизира нештата и да ги поправи нештата. Тоа е вашата работа. Јас ви се заблагодарив на сите кои сте вложиле труд, затоа што ниту јас не сум експерт, за тоа што сте го подобриле текстот на законот, истакна Јаневска.