Предлогот за одложени уставни измени отфрлен – Муцунски: Работиме на изнаоѓање достоинствено решение

Предлогот за уставни измени со одложена примена дефинитивно е отфрлен. Ова стана јасно од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која во емисијата „Вин вин“ кажа дека претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта го поздравил ваквиот предлог, но кога неодамна бил во посета во Софија добил негативен одговор од бугарските власти.

„Вели дека е извонредно конципиран, меѓутоа не го прифаќа Бугарија… се обидел нели да го презентира. Значи, неприфатен е, заради консензусот, иако многу членки го разбираат, не може да помине.“, рече Сиљановска-Давкова.

 

 

По ова, шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски уверува дека власта работи на полноправното членство во Унијата и продолжува да изнаоѓа достоинствено, рационално и решение прифатливо за сите.

 

 

„Дали работиме за изнаоѓање на решение? Секогаш ќе има дијалог и секогаш ќе работиме, но ќе повторам нешто што сум го кажал повеќе пати – не решение по секоја цена и решение коешто дополнително ќе биде ризик и камен на сопнување, како ова решение во 2022-рата, што сега на дело се докажува дека е решение кое создава дополнителни проблеми.“, изјави Муцунски.

 

 

Австриската министерка за надворешни работи, Беате Мајнл Рајзингер, која е во посета на Скопје, порача дека од страна на Унијата не смее да се поставува нов камен на сопнување, но додаде дека мора да се реализира она што е веќе договорено.

 

„Во 2022-ра година беше постигнат компромис и ми се чини дека може да има различни мислења дали е тоа среќно или помалку среќно решение, но тоа е факт, еден факт кој исто предвидува и чекори понатаму за Македонија.“, вели Мајнл Рајзингер.

Антонио Кошта претходно од Владата и во присуство на премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека не постои план Б и нема простор за нови договарања. (Tv21)

Back to top button
Close