Предложени нови правила за полицијата: Редовни тестови за интегритет, забрана за членство во политичка партија, увид во имотната состојба…

Предлог-измените на Законот за внатрешни работи се пуштени во собраниска процедура

 

За обезбедување оперативна независност на полицијата, како што посочуваат од МВР, се предлага само директорот на БЈБ да дава наредби од областа на оперативното работење

 

Интегритет и деполитизација на вработените во МВР, оперативна независност на полицијата, воведување обврска за пријавување имот и интереси, се дел од прашањата што се уредени со предлог-измените на Законот за внатрешни работи, кој е пуштен во собраниска процедура, а за кој од МВР велат дека ќе обезбеди висок степен на професионалност и објективност во работењето.

Во однос на интегритетот на работниците, со законското решение се предлага утврдување на ова прашање за сите вработени во Министерството и за кандидатите за вработување. Според тоа, како нов услов за вработување, посочуваат од МВР, предложено е кандидатот да има положено тест за интегритет.

„За постојните работници, пак, заради спречување на корупција и злоупотреба на службената положба, а со цел јакнење на интегритетот на секој работник, се предлага да се врши проверка на интегритетот, преку спроведување тест за професионален интегритет“,

појаснуваат од МВР и додаваат оти тој тест ќе се врши континуирано за времетраењето на работниот однос.

Резултатот може да биде позитивен или негативен. Негативниот резултат е предвиден како потежок случај за дисциплинска одговорност и основа за поведување дисциплинска постапка.

Како што додаваат од МВР, со предложените измени на законот се забранува работник на Министерството да членува во политичка партија, што, како што наведуваат оттаму, досега не беше случај, а постапувањето на работникот спротивно на оваа забрана е предвидено како потежок случај за дисциплинска одговорност.

Во однос на обезбедување оперативна независност на полицијата, како што посочуваат, се предлага законско решение во кое се пропишува дека исклучиво директорот на Бирото за јавна безбедност дава наредби од областа на оперативното работење.

„Со предложените измени на Законот за полиција се предлага воспоставување на строги, објективни и професионални критериуми за именување на директор на полицијата кои одговараат на потребите на таквата позиција. Меѓу наведените услови за првпат како услов е предвидено да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија“,додаваат од МВР.

Согласно предложените измени на Законот за внатрешни работи, посочуваат од МВР, се пропишува обврска за давање изјава за имотна состојба и интереси за кандидатите при засновање работен однос, за работниците при промени во имотната состојба, како и при престанокот на работниот однос на секој работник. Предметното прашање, велат, е во релација со постојниот закон што ја третира оваа проблематика.

„Некои од новите законски решенија се реализација на обврските за МВР содржани во Акциониот план по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2020-2024) на Државната комисија за спречување на корупцијата“,додаваат од МВР.

Back to top button
Close