Предметот за мазутот распределен кај обвинителот Јован Цветановски, кој беше суспендиран од претходниот државен обвинител Коцевски

Приговорот на ЕСМ за запрената истрага за набавките на мазут е предмет кој се паднал во работа на обвинителот Јован Цветановски, во Вишото Јавно обвинителство. Државниот обвинител Ненад Савески, на денешниот брифинг потврди дека приговорот се разгледува и на крајот ќе има одлука дали ќе се реотвори истрагата или ќе остане запрена

Обвинителот Јован Цветановски беше под суспензија поради водење на дисциплинска постапка во Советот на јавни обвинители поради сомнежи дека заедно екс вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулаху се откажувале од обвинителски предмети во кои имало повеќе милиони евра штета. Но, поради неправилности суспензијата беше укината, а постапката беше вратена назад. Цветановски се врати на работа, а за него има поднесено и обвинение исто така заедно со Хајрулаху за злоупотреби при распределба на предмети. Цветановски негираше неправилности и тврдеше дека тоа му се прави поради тоа што се обидел да го врати во истрага случајот со бонусите за обвинителите во СЈО. Сега Цветановски има релативен законски рок од 30 дена по приемот на приговорот за одлука за случајот мазут, рече на брифингот државниот обвинител Савески.

Истрагата беше запрена за Капушевски, Јахоски, Ковачевски, за фирмата РКМ иако МВР тврдеше дека има штета од над 167 милиони евра и злоупотреби при набавката на мазутот и доцнење на испораката на мазутот во ТЕЦ Неготино. ЕСМ поднесе приговор, а во тек е и предистрага за загадување од мазутот горен за струја во ТЕЦ Неготино. Резултатите се добиени, а сега се трага по експерти да ги прочитаат.

„Стапено е во контакт со професор на ПМФ кој во јавноста имаше изјави дека има сознанија за читање на лабораториски анализи за загадување. Истражителите на ОЈОГОКК лично се испратени во научните институции за да се провери дали има експерти кои може да ги протолкуваат резултатите“, рече Ненад Савески, јавен обвинител на РСМакедонија.

Случајот мазут беше еден од поголемите предмети со злоупотребите во јавните набавки во енергетскиот сектор за време на енергетската криза. (telma.mk)

Back to top button
Close