Предупредувања за опасни горештини во Германија

Германската метеоролошка служба издаде предупредувања за опасни горештини за јужните и западните делови на Сојузната Република, најавувајќи ги жештините кои ја зафатија Европа.

Се очекува најтопло да биде в среда, со прогнози дека тогаш температурите во Германија ќе достигнат до 39 степени Целзиусови, пренесе ДПА.

Предупредувањата се во сила од ова утро за провинциите Баден-Виртемберг, Баварија, Хесен, Северна Рајна-Вестфалија, Рајнланд-Пфалц и Сар, каде што живата ќе се искачи до 35 степени.

– Избегнувајте ги жештините ако е можно, пијте доволно вода и одржувајте ги просториите добро климатизирани, истакнува метеоролошката служба. Екстремните горештини можат да бидат опасни за луѓето и да предизвикаат здравствени проблеми, се додава.

Се очекува високите температури да се задржат и во новата недела, предупреди службата, чие седиште е во градот Офенбах. Во јужните делови на Германија е можно утре живата да се покачи до 35 степени, а во регионите на Алпите и Шварцвалд е многу веројатно да се развијат летни бури.

– Од вторник натаму ќе ја почувствуваме жештината навистина многу поопипливо, изјави метеорологот Тобијас Рајнарц. Во првите два дена од јули температурите низ целата земја може да достигнат до 35 степени, а на некои места и до 39, информира тој.

Потоа се очекува топлотниот бран да ослабне и во многу региони да отстапи место на поладно време и невреме.

Back to top button
Close