Преговарачка рамка: Јазикот „македонски“, промена на Уставот


Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија, која ја подготви француското претседателство, содржи обврска за имплементацијата на билатералниот протокол за спроведување на договорот со Бугарија, кој треба да го усвојат двете земји.

Се предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција.

Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во неговата преамбула.

Во однос на статусот на македонскиот јазик, во преговарачката рамка се наведува дека при преводот на европското аки на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните намери на Бугарија и Северна Македонија да донесат унилатерални декларации со кои ќе ги нагласат своите ставови за ова прашање.

Во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти.

Француското претседателство посочува дека посветеноста за добрососедски односи и регионална соработка, треба да се потврди и преку постигнувањето на видливи резултати во имплементацијата на билатералните договори со Грција и Бугарија.

Исто така, во дел од новиот текст на преговарачката рамка, покрај вообичаените обврски владеење на правото, судските реформи, борбата против криминалот и корупцијата, се вклчучува и антидискриминацијата и борбата против говорот на омраза.

Истовремено, во предлог француската преговарачка рамка се наведува дека Македонија ќе усвои преку инклузивен процес, акциски план посветен на заштитата на правата на лицата припадници на малцинствата или заедниците.

Бугарија, во својата рамковна позиција од 2019 година, бараше воведување посебно преговарачко поглавје (поглавје 35) кое ќе ги опфати билатералните прашања на релација Софија-Скопје, но такво нешто нема во францускиот предлог.

0

Back to top button
Close