Прекин на товарниот сообраќај на граничните премини од 12 часот, МВР ќе обезбеди непречен сообраќај за патничките возила и автобусите
Прекин на товарниот сообраќај на граничните премини во државата најавен е за денеска од 12 часот поради јавен протест организиран од асоцијацијата „Макам-транс“, информира Министерството за внатрешни работи.

Протестот ќе се одвива на граничните премин Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато, при што ќе бидат затворени коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај, како што велат од МВР, ќе се одвива непречено на сите гранични премини.
Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран.
Од МВР посочуваат дека ќе преземат соодветни мерки за одржување на јавниот ред и мир и за обезбедување безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата што превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
МВР апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.






