Прекината собраниската расправа за дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, продолжение утре

 Во Собранието доцна попладнево беше прекината расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2023 година, за кој втор ден дебатираат пратениците. Нејзиното продолжение е закажано за утре во 12 часот.

Предлог-буџет за 2023 година се најде пред пратениците откако Владата го усвои текстот по прифатените амандмани во матичната собраниска Комисија.

За власта, тој е развоен, реален и е одговор на енергетската криза, со поддршка на граѓаните и стопанството и ќе обезбеди економска стабилност. Опозицијата, пак, смета дека предложениот буџет е нереален, инфлаторен, расипнички и ризичен, преполн со приливи од донации и заеми и оти со него се прави масовна кражба на народни пари.

Пратеничката од редовите на СДСМ, Драгица Ѓавочанова, во својот говор по паузата, посочи дека на 11 ноември годинава во Владата биле потпишани 29 договори за финансирање проекти во осумте плански региони, со вкупна вредност од 422 милиони денари обезбедени преку Бирото за регионален развој, кои се планирани да се реализираат следната 2023 година.

– Од потпишаните договори што ги прочитав, се опфатени сите региони, што ја потврдува заложбата на Владата за рамномерен регионален развој, рече Ѓавочанова, која наброја неколку проекти кои се однесуваат на општините.

Таа истакна дека Владата и понатаму е најголем инвеститор во локалната патна инфраструктура и тоа во сите општини во државата.

На ова реагираа пратениците од опозицијата, кои и забележаа на Ѓавочанова дека на дневен ред е буџетот на централната власт, а таа премногу говорела за проекти во општините.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески, реплицирајќи и на Ѓавочанова, рече дека очекувал таа да зборува како буџетот ќе влијае на економската стабилност на државата, а не за некои реализирани проекти во општините.

– Вашиот Завод за ревизија ви нотира дека носите пакет мерки, без претходно детерминирани планови, без претходно утврдени корисници и како ќе влијае економската помош на економските субјекти. Тоа докажува дека вие ниту имате план ниту визија како да го подобрите животот на граѓаните, кои се соочуваат со енормна инфлација, 20 отсто раст на трошоците на живот, 30 проценти раст на трошоците за основните продукти и друго, рече Јаулоски.

Пратениците од опозицијата ја споменаа анкетата на ИРИ која покажа незадоволство на граѓаните од власта, а Ѓавочанова во одговор на репликите рече дека се сомнева во резултатите од „нарачаната анкета”.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски во својот говор рече дека е разочаран од „несериозниот однос на Владата”, кој се пресликува и во Парламентот, бидејќи имаме сериозна ситуација, а не се гледаат конкретни мерки како со тоа ќе се справиме.

– Од Владата добивме инфлаторен, напумпан, нереален, расипнички, несериозен и мегаломански буџет. Нема да навлегувам во бројките, бидејќи тоа е „сеење магла”. Ветуваат 800 илјади евра нови инвестиции, а толку немаат направено вкупно наназад годините. Сега одеднаш ќе се посветат на тоа и ќе го решат. Па ве молам, кој ви верува во истото, вели Јаревски.

Тој рече дека омилена ставка се „разни трансфери” за што се предвидени 924 милиони евра.

Заменик-министерот за финансии Филип Николоски во реплика до Јаревски рече во Буџетот нема ставка „разни трансфери” .

– Сите трансфери во Буџетот се јасно и детално прецизирани и дефинирани. Во тие 900 милиони евра, се вклучени сите. Има 30 милиони евра активни мерки за вработување, 30 милини евра за невработени, 200 милиони евра за социјална категорија и минимална гарантирана помош, 434 милиони евра за општините. Значи, ставка разни трансфери во буџетот од 500 страници нема, рече Николоски.

Во однос на забелешката на Јаревски дека буџетот за 2023 е поголем за 65 отсто од тој во 2016 година, Николоски рече дека нормално е буџетот да е поголем и да е рекорд.

– Тоа значи дека државата добро работи, економијата е добра, подвлече заменик-министерот за финансии.

Николоски посочи дека од предвиденото задолжување, треба да се вратат и претходни долгови.

Вкупните расходи во Буџетот за 2023 година, се планирани во износ од 324,8 милијарди денари, или за 36,3 милијарди денари повисоки во однос на Буџетот за 2022 година. Проектираниот дефицит за 2023 година во износ од 42,7 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 36,5 милијарди денари и домашен долг во износ од 15,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина расправата за дополнетиот Предлог буџет за 2023 година, која ќе продлжи утре во 12 часот.

Back to top button
Close