Преку конкурс за карикатури во кои се исмева Бог „Шарли Ебдо“ одбележува 10 години од терористичкиот напад во кој беа убиени 12 лица

Француското сатирично списание „Шарли Ебдо“ одбележува 10 години од терористичкиот напад во нивната редакција во Париз преку конкурс за карикатури во кои се исмева Бог.

На кој начин карикатуристи треба да го сатиризираат Семоќниот? Во знак на  комеморација на жртвите од нападот во 2015 година во нивната редакција, францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ распиша конкурс под хаштагот #MockingGod, а победниците се објавуваат на 7 јануари.

Професионални новински карикатуристи и цртачи беа повикани да ја нацртаат „најзлобната и најсмешна карикатура за Бог“. Победниците ќе бидат објавени во списанието. Конкурсот ја одбележува 10-годишнината од масакрот што се случи на 7 јануари 2015 година во редакциските простории на списанието. Дванаесет лица, вклучително и 8 членови на уредничкиот тим на „Шарли Ебдо“, беа убиени од страна на исламистички екстремисти. Сатиричниот магазин беше мета затоа што постојано го исмејуваше пророкот Мухамед. Меѓу оние кои ги загубија животите беа Кабу, Шарб и Волински, едни од најпознатите француски карикатуристи.

Слободата на печатот под напад

Убиствата во „Шарли Ебдо“ се сметаа како напад врз слободата на печатот и слободата на говорот воопшто. Слоганот „Je suis Charlie“ („Јас сум Шарли“) се прошири низ целиот свет. Но, тоа исто така предизвика бурни реакции и кај луѓе кои сметаа дека објавувањето пречекорува граници.

Карикатура од јужноафриканскиот автор ЗАПИРО (Карикатура за мир) која покажува дека терористичкиот напад не успеал да ја спречи поддршката за „Шарли Ебдо“
Карикатура од јужноафриканскиот автор ЗАПИРО (Карикатура за мир) која покажува дека терористичкиот напад не успеал да ја спречи поддршката за „Шарли Ебдо“Фотографија: ZAPIRO (Afrique du Sud) – Carooning for Peace

Една деценија по нападот, некои набљудувачи велат дека потребата од карикатуристи и нивната способност да предизвикуваат потсмев – дури и ако е контроверзен – е сега поголема од било кога поради глобалната репресија на слободата на говорот.

„Ја надгледуваме ситуацијата на меѓународните карикатуристи каде и да се наоѓаат на планетава и морам да кажам дека трендот е навистина лош“, оценува карикатуристот Патрик Ламасур, познат по уметничкото име КАК.

„Кина, Русија, Иран, Индија, Индонезија, Малезија и Бразил, меѓу другите, мнозинството од светското население живее во земји каде што има цензура во печатот [и] карикатуристите често ги напаѓаат, или им се закануваат“, вели Ламасур. Тој е претседател на „Картунинг фор пис“, меѓународна мрежа на карикатуристи од печатот „кои користат хумор за да се борат за почитување на културите и слободите“.

Во конкурсот на „Шарли Ебдо“ од 2025 година се повикуваат „сите на кои им е преку глава да живеат во општество со кое раководат Бог и религијата“, се вели во онбјавата на веб-страницата. Иако резултатите може да предизвикаат натамошни контроверзи, Ламасур, чија што организација е домаќин на голем број настани посветени на „Шарли Ебдо“ во јануари, ужива целосна поддршка. „Мислам дека е одлично оти е нешто што ’Шарли Ебдо’ би го направил, дури и никој да не ги нападнеше“, изјави тој за ДВ.

Долгата историја на Франција со политички карикатури

Во Франција политичките карикатури се стекнаа со голема популарност по Француската револуција, кога карикатуристите разоткриваа злоупотреба на моќта.

Патрик Ламасур вели дека карикатуристите имаат одговорност да ја заштитат слободата на изразување
Патрик Ламасур вели дека карикатуристите имаат одговорност да ја заштитат слободата на изразувањеФотографија: Cartooning for Peace

Силната традиција на анти-религиозни карикатури во Франција од секогаш опстојува.

„Карикатурата ја претставува способноста на граѓаните да им погледнат на нашите лидери в очи и да им кажат „ние гледаме што правите и може да ви се смееме“, вели Ламасур. Откако е основано во 1970 година, списанието „Шарли Ебдо“ е познато по тоа дека ги тестира границите на она што може и што не може да биде кажано според француските закони за говор на омраза. „Шарли Ебдо“ не само што го исмева Исламот, туку и Христијанството и Еврејството. Според францускиот закон, се додека не се поттикнува насилство и се штитат малцинствата, дозволено е исмејување на религијата.

Кога е премногу?

Дури и ако скиците вознемируваат некои лица, Ламасур тврди дека само законот може да дефинира што е прифатливо „бидејќи сè што ќе кажам некого ќе го погоди – што било. А, единствената граница може да биде законот бидејќи под него сите се соласуваме“, вели тој.

Во 2023 година, „Шарли Ебдо“ одржа натпревар за карикатури кои го исмејуваат иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи - што предизвика протести
Во 2023 година, „Шарли Ебдо“ одржа натпревар за карикатури кои го исмејуваат иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи – што предизвика протестиФотографија: Atta Kenare/AFP

Но, дури и пред 2015 година, списанието беше озлогласено по карикатури за кои критичарите велат дека ја преминале границата – и кои беа предмет на напади.

Набргу откако „Шарли Ебдо“ објави лажно издание „со гостин уредник“ пророкот Мухамед, огнена бомба ја оштети зградата во која се наоѓаше редакцијата на списанието во 2011 година. Но, тој вид на провокативен коментар е секојдневна работа за политичките карикатуристи. „И ако луѓето се лути затоа што не им се допаѓа она што го кажувате, тоа е добро, тоа е слобода на изразување – сè додека не прекршувате ниту еден закон“, смета Ламасур.(dw)

Back to top button
Close