Преку пет градови и три земји, коскена срцевина за пресадување стигна во Скопје кај 16 годишна пациентка болна од леукемија

На 16-годишна пациентка на Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје ѝ е извршена трансплантација на матични клетки од несроден донор, а материјалот за пресадување во земјава стигна преку патешествие низ пет градови во Полска и Германија. Директорката на Клиниката проф. д-р Ирина Пановска-Ставридис вели дека во овие вонредно тешки времиња на пандемија од ковид-19, за нив како професионалци е огромен предизвик да овозможат непречено одвивање на овие интервенции, иако се исклучително отежнати комуникацијата, соработката и транспортот на органот, односно матични клетки од периферна крв или свежа коскена срцевина, пиушва СДК.

На Клиниката за хематологија изминативе две години 16 болни се лекуваа со трансплантација на матични клетки од несроден донор. Директорката Пановска-Ставридис кажува дека за последната трансплантација на 16-годишната Л. Н., која живее во Приштина, Косово, беа користени повеќе превозни средства и два курири за транспорт на релацијата Познањ-Краков-Минхен-Берлин-Скопје-Клиника за хематологија.

„Куририте кои работат во компаниите за транспорт на ваков материјал се луѓе со висок професионализам и работата ја извршуваат и од хумани мотиви. Последниот транспорт го изврши курир чиј мотив за таа работа е лично искуство со заболен најдобар пријател од акутна леукемија кој се лекувал со трансплантација од несроден донор, но за жал не ја добил битката со тешкото заболување. Тој беше возбуден што органот кој го донесе после долг пат од 48 часа и три откажани авионски линии заради пандемијата ќе го добие млада 16-годишна пациентка“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Секоја донација на матични клетки има своја приказна. Досега на Клиниката пристигнаа матични клетки од Полска во неколку наврати, како и од Италија и Германија. Д-р Пановска-Ставридис вели дека матичните клетки се транспортираат од донорскиот центар каде се врши земање од периферна крв или коскена срцевина на несродниот донор до Клиниката за хематологија во Скопје. Постојат овластени компании за специфичен транспорт на ваков клеточен продукт, кои се вмрежени во комуникациите со македонскиот регистер на донори, европскиот регистер, центарот за колекција на продуктот и клиниката за хематологија. Протоколот за работа е однапред утврден со временски рамки кои вклучуваат време на почеток и завршување на донацијата на матични клетки и време на превземање на продуктот од европскиот донорски центар, кој е секогаш различен и се одбира да е најблиску до адресата на живеење на донорот. Во меѓувреме, се следат достапните начини за најбрз превоз на клетките до пациентот што треба да ги добие при трансплантација.

„Клеточкиот продукт се транспортира според ЕУ регулативите за транспорт на орган и крвни продукти, во ладни контејнери на температура од +4 C и поради тоа се ослободени од регуларните радиграфски контроли на аеродромите. Времето во овие донации е скапоцено, бидејќи органот (матичните клетки) имаат рок на употреба од најмногу 72 часа од периодот на колекцијата. Секој одминат час и минута ја намалува вијабилноста и квалитетот на матичните клетки. Поради тоа ние секогаш со нетрпение и возбуда ги очекуваме да пристигнат на Клиниката“, вели д-р Пановска-Ставридис.

Таа кажува дека во периодот од почетокот на ковид пандемијата досега успеале да изведат три несродни трансплантации на матични клетки. Една од нив беше во април, за 46-годишна пациентка со апластична анемија, кога сите земји имаа рестриктивни мерки, вонредна состојба и затворени аеродроми.

Целата сторија на СДК тука.

Back to top button
Close