Преку воспоставениот механизам Femicide Watch досега разгледани 92 случаи, од кои 43 се класифицирани како фемицид или обид за фемицид
Фемицидот не е неизбежен и може да се спречи, но ниедна земја не е имуна на оваа најекстремна форма на родово базирано насилство – порачаа денеска претставници на ОБСЕ на регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје.

Вишата советничка за родови прашања и шефица на програмата за родови прашања во Секретаријатот на ОБСЕ, Лара Скарпита, на отворањето на конференцијата истакна дека фемицидот останува еден од најголемите и најитни предизвици со кои се соочуваат општествата.
– Фемицидот исто така го има и во нашиот регион, но да бидеме јасни: ниедна земја не е имуна – рече Скарпита посочувајќи дека зад секоја статистика стојат жени, семејства и заедници што се разрушени, но и институционални пропусти во заштитата на жртвите.
Скарпита порача дека и покрај позитивните чекори, законите сами по себе не се доволни и дека се потребни повеќе ресурси за услугите, обуки за институциите и инвестиции во превенцијата.
– Фемицидот не е неизбежен, туку може да се спречи и мора да се спречи. Постојат податоци, постојат препораки, но сега ни е потребна политичка волја за да се дејствува цврсто на терен. Убедена сум дека со она искуство што го имаме денес тука во оваа просторија, можеме навистина да ги премостиме овие јазови и да ги направиме нашите домови, улици и заедници побезбедни за нашите жени и девојчиња – истакна таа.
Според неа, доказите јасно покажуваат дека фемицидот може да се спречи.
– Знаеме дека оние држави што инвестираат повеќе во системите за рано предупредување и во ефективна заштита може да се спасат животи. Но кога нема политичко внимание, жените плаќаат со својот живот – нагласи Скарпита.
Таа оцени дека борбата против родово базираното насилство не е само прашање на човекови права, туку и безбедносно прашање.
– Доколку половина од населението не е заштитено во своите домови, на улиците и во заедницата, тогаш тоа е безбедносно прашање за сите нас – рече Скарпита.
Говорејќи за напредокот во регионот, таа ја пофали Северна Македонија за воведувањето на фемицидот во законската рамка и за воспоставувањето на механизмот Femicide Watch.
– Навистина сакам да ги пофалам властите тука во Северна Македонија, кои направија многу смел чекор за криминализација на фемицидот и за воспоставување на механизмот Femicide Watch – потенцира Скарпита.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, истакна дека конференцијата е дел од пошироките напори за унапредување на родовата еднаквост и спречување на насилството врз жените и девојчињата. Нагласи дека оваа конференција е дел од оваа колективна работа и почнува со моќна и едноставна премиса – фемицидот може да се спречи.
Тој посочи дека со поддршка на ОБСЕ е воспоставен механизмот Femicide Watch преку кој досега се разгледани 92 случаи, од кои 43 се класифицирани како фемицид или обид за фемицид.
– Веруваме дека овој координиран пристап е неопходен бидејќи ниедна институција сама нема да има целосна слика за еден случај на фемицид – нагласи Вал.
Според него, искуството покажува дека законодавството е неопходно, но дека неговото влијание зависи од спроведувањето, квалитетните податоци и долгорочната мултисекторска соработка.
– Второ, споредливи и веродостојни податоци се неопходни за да се разбере што им ретходело на овие убиства и каде можела заштитата да биде посилна. Трето, ефективната превенција бара подолга мултисекторска соработка и заедницата одговорност преку почитување на мандатите и независностите на сите институции. Четврто, разгледувањето на доказите и на случаите треба да бидат тема за идните акции – зајакната пракса во институциите, обезбедување соодветни ресурси за реформирање на политичките и законските рамки. И на крај, парламентарен ангажман и надзор. Со користењето на функциите за законодавство и буџет, парламентите имаат важна улога за да се осигурат дека законите се спроведуваат, дека има доволно ресурси и дека се применуваат препораките. Иако не е сè совршено во Северна Македонија, верувам дека земјата е на добар пат и сметам дека оваа земја е предводник во регионот – потенцира амбасадорот Вал.





