Премиера на филмот „Пејзажи на отпорот“ во Музејот на современа уметност

Во Музејот на современа уметност во Скопје вечерва во 19 часот премиерно ќе биде прикажан филмот на Марта Попивода и Ана Вујановиќ насловен „Пејзажи на отпорот“.

– Имаме привилегија во рамки на КРИК 06 да го споделиме македонското премиерно прикажување на оваа исклучителна филмска нарација, која ги поставува во совршена синергија интимниот, лирски пристап со силните идеолошко-политички светогледи на авторките, велат од КРИК – Фестивалот за критичка култура.

По проекцијата на филмот  следува разговор со режисерката Марта Попивода.

Досега филмот има освоено неколку награди, Cinema du Réel – Library Award, Чонџу меѓународен филмски фестивал – Награда за најдобар филм, Документарен фестивал Солун – награда Златен Александар, Сараевски филмски фестивал – Срцето на Сараево.

Соња (97) е една од првите жени што му се придружила на партизанското движење на отпорот во Југославија. Инспирирана од револуционерните книги што ги добивала од еден соученик во средното училиште, таа ѝ се придружила на комунистичката и антифашистичка организација кон крајот на триесеттите години на дваесеттиот век и во 1941 година станала партизанка во Србија окупирана од Германците. На крајот била заробена, измачувана и по неколку затвори и други концентрациони логори, била одведена во Аушвиц-Биркенау. Таму станала членка на отпорот и водач на една негова единица.

Слушајќи ја приказната на Соња, патуваме низ пејзажите на нејзиниот револуционерен живот, онакви какви што се денес – српските шуми и планини каде што се собирале партизаните, како и калта и безборојните оџаци на Аушвиц – кон нејзиниот минијатурен белградски стан каде што таа живее со својот сопруг и мачка.

Преку десет години, режисерката Марта Попивода и внуката на Соња и ко-авторка на филмот, Ана Вујановиќ, ги снимале своите разговори со Соња. Она што почнува како величење на отпорот на една жена и нејзините другари, постепено се претвора во кинематографски антифашистички манифест, онака како што авторките сé повеќе се соочуваат со подемот на фашизмот во денешна Европа.

повеќе

Back to top button
Close