Премиерката на Финска е за скратување на осумчасовниот работен ден

– Финската премиерка Сана Марин денеска повика да се скрати сегашниот осумчасовен работен ден, нагласувајќи дека покусо работно време може да се компензира со зголемена продуктивност.

Марин, која ја започна идејата за шестчасовен работен ден пред да стане премиерка, ќе мора да ги убеди другите четири партии во коалициската Влада да го отворат патот за скратување на работниот ден, во услови на зголемена невработеност предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

– Мора да направиме јасна визија и конкретни чекори за Финска да се придвижи кон покусо работно време, а вработените во Финска кон подобар работен живот, рече 34-годишната лидерка пред членовите на нејзината партија, кои вчера ја избраа за претседателка на социјалдемократите.

Марин, која е една од најмладите премиери во светот, ја предводи финската Влада на левиот центар од декември 2019 година, откако еден од сојузниците во коалицијата го натера нејзиниот претходник Анти Рине да поднесе оставка.

Заедно со Рине, кој беше на чело на партијата до вчера, Марин ја насочи владата налево, кревајќи ги пензиите и укина дел од намалувањата на трошоците на претходната влада.

Претходно денеска, нејзината партија во дебата го отфрли предлогот за експериментирање со шестчасовен работен ден, и наместо тоа усвои предлог за скратување на часовите или воведување поголема флексибилност во работниот живот.

Марин рече дека покусо работно време би било можно со зголемување на продуктивноста и дека нема да биде во судир со силните јавни финансии или целта на Владата да ја зголеми стапката на вработеност од сегашните 73,7 проценти на најмалку 75 проценти.

– Богатството што го носи зголемувањето на продуктивноста на трудот мора да се дели не само меѓу сопствениците и инвеститорите, туку и со обичните работници, рече таа.

Таа повтори дека Владата планира да инвестира во образованието и има за цел да ја направи Финска јаглерод-неутрална до 2035 година, повикувајќи на зелени инвестиции за зајакнување на економијата.

Back to top button
Close