Премиерот ќе организира средба со превозниците за да се запознае со проблемот

Ковачевски ја поздрави одлуката на приватните превозници да ги тргнат автобусите со кои блокираа дел од скопските сообраќајници, протестирајќи поради неисплаетн долг од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

Сепак, премиерот повторно беше категоричен дека Владата не е надлежна за организација на јавниот превоз во Скопје и дека одговорноста за ова прашање е исклучиво во надлженост на Град Скопје и ЈСП.

Покрај приватните превозници, тој посочи дека на состанокот ќе бидат повикани претставници на Град Скопје и на ЈСП.

„Ја поздравувам одлуката на превозниците да ги ослободат улиците. Претходно кажав дека под уцени и притисоци не закажувам состаноци, тие ги тргнаа автобусите. Исто така кажав дека Владата нема никаква надлежност во делот на организирањето на јавниот превоз во градот Скопје или во било која Општина, меѓутоа јас како премиер и како Влада покажавме дека имаме одговорност кон сите процеси во државата во кои што можеме да помогнеме. Во наредниот период ќе организираме состанок на кој што ќе бидат повикани покрај привцатните превозници, бидејќи тие имаат деловен однос со Јавно сообраќајно претпријатие кое не е во надлежност на Владата. Ќе бидат повикани нормално и претставници на Градот Скопје и на ЈСП со цел да можеме да се информираме за каков проблем се работи, бидејќи Владата нема информации за точно какви доверителски односи помеѓу приватните превозници и ЈСП“,рече Ковачевски на денешната прес-конференција со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на која го презентираа Предлог-буџетот на МВР за 2023 година.

Доколку има можност и таа е во рамките на надлежносите на централната власт, додаде Ковачевски, тогаш Владата ќе помогне да се реши проблемот.

„Откако ќе ги дознаеме информациите, тогаш доколку има можности во рамки на надлежностите на Владата да се помогне со одредени активности да се реши тој проблем, тогаш може и да помогнеме. Меѓутоа на крајот на денот, одлуката, надлежноста, одговорноста е во рацете на Градот Скопје, значи на градоначалникот, на Советот, на јавните претпријатија, на претседателите и членовите на управните одбори“,рече премиерот.

За проблемот со приватните превозници, Ковачевски ја обвини ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери кои, како што рече, до пред една година, односно за време на кампањата за локалните избори ветуваа бесплатен автобуски превоз.

„Овој проблем го креираше ВМРО-ДПМНЕ со нејзините коалициски партнери кои пред една година ветуваа модерно Скопје со бесплатен автобуски превоз, со електрични автобуси, со фабрика за електрични автобуси. Од тоа гледаме дека нема ништо останаа само проблеми кои се зголемуваат и кои на крајот доаѓаат да бидат решавани во Владата. Така беше со парното греење и еве гледаме уште еден проблем за кој што исклучиво надлежност има Градот Скопје“,рече премиерот.

Околу организирањето на состанокот, Ковачевски рече дека вчера разговарал со  вицепремиерот за економнски прашања, Фатмир Битиќи и други членови на неговиот тим.

Back to top button
Close