Премиерот најави „историски“ проект за Кочани и обвинува граѓанско движење без да го именува дека преминувало во политичко движење?!

Владата деновиве ќе донесе одлука со која во голема мера ќе се олесни процесот на лекување на повредените од пожарот во кочанската дискотека. За да не мора секојдневно да одат до болници заради медицинска или физикална терапија, а во ситуација кога заради природата на повредите не смеат да се изложуваат на сонце и високи температури, ниту да имаат дополнителен физички напор, дел од медицинската нега и рехабилитација наскоро ќе биде сконцентрирана на едно место. Оваа седмица Владата ќе донесе одлука со која одморалиштето „Пониква“, што е во сопственост на МВР, ќе се стави на располагање на Министерството за здравство и ќе може да се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените – најави владината портпаролка, Марија Митева.

Добро одржувано одморалиште

Месноста Пониква на Осоговските Планини им е добро позната на жителите на Кочани. Се наоѓа меѓу Кочани и Пробиштип, во предел богат со шуми и ливади, на надморска височина од 1.560 метри. Од Штип е оддалечна 50 километри, од Кочани 20, од Виница 28 километри. Според оценките од Владата, истоименото одморалиште на МВР, како добро опремено и одржувано, ги задоволува неопходните стандарди за сместување на лицата на кои им е потребна медицинска нега и рехабилитација. Кон крајот на мај, таму беа пуштени во употреба реновирани спортски капацитети. Одморалиштето на МВР располага со 27 соби и 56 легла.

„Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување. Лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза на лекување во која е неопходна физикална и работна терапија. Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување“, образложи портпаролката.

Оперативен план и директна комуникација

Во моментов Владата работи на оперативен план за згрижување на пациентите во соработка со Министерството за здравство и со медицинските тимови кои ќе обезбедуваат медицинска нега директно на терен. Пациентите ќе бидат поделени во групи и циклуси на терапија, за да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај. Се очекува во најкус рок да бидат завршени сите институционални процедури и медицинскиот кадар да контактира со пациентите за да почне сместувањето и текот на терапиите.

„Оваа мерка е институционален одговор, израз на одговорност и посветеност кон секој поединец. Нема ништо поважно од човечкиот живот и достоинството на луѓето, затоа како Влада ќе продолжиме да делуваме одлучно и со целосна грижа кон пациентите”, рече Митева.

Од денеска (9.6.) почнува да функционира и новата телефонска линија (070 355 526) за директна комуникација управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата, која ќе функционира непрекинато за сите повредени и нивните семејства, на која ќе може да се јават, да ги изнесат своите барања, предлози и конкретни потреби.

„Оваа линија нема да биде само контакт, туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање и со персонализиран пристап за секој случај“, објасни Митева.

Премиерот вчера најави дека владината поддршка за Кочани ќе продолжи, но и преку проект наменет за градот.

„Сакам да објавам дека интензивно работам на проект кој ќе биде од историско значење за градот, и ќе помогне директно за животот на секој еден жител на Кочани. Ова го работам заедно со канцеларијата на Европската Унија, со тоа што историски, епски, драматично ќе го видоизмениме изгледот на подобро, на градот Кочани. Деталите за овој проект на кој интензивно работам очекувам многу скоро од денеска да бидат соопштени на македонската јавност, нормално откако ќе бидат финализирани сите детали“, најави Христијан Мицкоски во вчерашното обраќање на 34-тата Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Против злоупотреба на трагедијата

Мицкоски во говорот се осврна и на критиките од опозициската СДСМ, оценувајќи ги како злоупотреба на трагедијата во Кочани.

„Тоа е позната стратегија да злоупотребува колективни или индивидуални несреќи и да создава политики од нив. Сакам да предупредам за скриената се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на ужасните жртви од ужасниот хорор во Кочани, говорат за катни гаражи, водоводи, канализации, исполнети, неисполнети ветувања и сѐ така по ред во духот на локалните избори. Паралелно со ова што тие го говорат тече и прекиот суд на прес-конференции на СДСМ“, рече Мицкоски.

Потсети како завршиле слични обвинувања од минатото – за смртта на малата Тамара, за убиството на Мартин Нешковски и жртвите од Смилковско Езеро.

„Се сеќавате ли дека истите овие луѓе, ветуваа правда, ветуваа мир, ја злоупотребуваа на некрофилски начин и тогаш и денес трагедијата на родителите и блиските на семејствата. Што добија? Тие станаа милионери, а вистината и тогаш, и денес, беше дека единствената политичка и владина опција којашто прави, сочувствува и сака да направи – е Владата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.

Наведувајќи дека некрофили повторно манипулираат со човечки судбини обидувајќи се да се вратат на власт, рече дека нема да дозволи да ги злоупотребуваат судбините на цел еден град.

За овој дел од говорот на премиерот остра реакција стигна од СДСМ.

„Загрижува омразата на Мицкоски кон семејствата на повредените и загинатите во трагедијата во Кочани“, се вели во соопштението на социјалдемократите.

„…На висок тон, видно гневен продолжи да ги навредува луѓето и родителите кои секоја сабота мирно маршираат во Кочани барајќи правда за своите деца и помош за повредените. Во својата забеганост Мицкоски од Велес, врескаше и ги обвинуваше родителите дека од граѓанско движење полека се претварале во ‘политичка партија’. Овој наратив на Мицкоски сериозно загрижува, особено поради фактот што на овој начин се повикува на јавен линч на родителите на загинатите и повредените и нивните семејства”, наведоа од СДСМ.

На социјалните мрежи е видлива поларизација околу темата Кочани, но и разочараност од речникот што се користи во меѓупартиските пресметки за една од најголемите трагедии во земјата.

Извор: DW

Back to top button
Close