Препораки од АХВ за храната и третманот на милениците и добитокот при високи температури

Најавата на метеоролозите за зголемување на температурите го подигна алармот за заштита на луѓето од можно труење со храна, но и од стрес кај животните поради што тие може да јадат помалку, да имаат зголемена потреба за вода, а не е исклучено и намалување на производството на млеко, како и слаб прираст.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги потсетува граѓаните и сточарите за нужноста од преземање сет мерки за консумирање на безбедна храна и за заштита на животните и домашните миленици од високите температури.

– Да се направи правилен избор, набавка и транспорт на продуктите, храна да се купува од одобрени оператори, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и нејзино соодветно чување, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде производите се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува купување и да не се користи храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), а оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Месо, млеко и јајца да се купуваат на крај на пазарењето, а овие производи да се внимава не се чуваат долго време во автомобил и други транспортни средства каде температурите се многу високи, советува АХВ.

Според Агенцијата, пред подготовка на храната треба добро да се измијат рацете.

– Оладената храна да се чува на температура пониска од пет, а топлата храна на температура повисока од 60 степени целзиусови. Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер. Рацете често да се мијат и во текот на подготовката на храната. Во фрижидер на најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата, нагласува АХВ.

Додава и дека храната треба да се заштити од инсекти и глодари, но и од миленичињата и другите животни кои може да ја контаминираат.

– Доколку решите да консумирате купена веќе подготвена храна или да јадете во угостителски објект, одберете места кои имаат добра репутација. Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставите во ладилник или замрзнувач. Проверете дали лицето кое послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна, во објектите за брза храна, одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи,…, порачува Агенцијата.

АХВ потсетува дека треба да се внимава и на здравјето на домашните животни и милениците бидејќи високите температури можат да бидат кобни за нив, посебно ако се чуваат во несоодветни услови, во објекти каде има висок процент влага и недоволна вентилација или ако се држат директно изложени на сонце.

– Треба да се води сметка и животните да не се изложуваат на напорната работа или транспортот во услови на високи температури. Забрзано и плитко дишење, несигурен од (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите се некои од симптомите по кои може да се препознае топлотниот удар кај животните. Во вакви услови неминовно е животното да се смести во ладовина или во разладена просторија и да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање или со прскање со умерено ладна вода, или пак со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, водејќи сметка ладењето на животното да не биде премногу брзо, нагласува АХВ.

Животните кои се одгледуваат на фармите, препорачува, треба да се држат во проветрени простории (отворање на сите прозори и употреба на вентилација како и уреди за разладување), а треба да се внимава и на густината на населеноста на единките во објектите.

– Препорачливо е животните да се заштитат од директно изложување на сонце, односно да се чуваат под натстрешници или во природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински, или вечерни часови, период во кој треба да се организира и нивниот транспорт, наведува АХВ.

Агенцијата апелира и сопствениците да не ги оставаат домашните миленици во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, како и да избегнуваат прошетки во текот на најтоплиот период од денот.

Back to top button
Close