Прес 24: Тина Иванова разрешена од директорка на Филхармонија, откриени низа неправилности и несовесно работење

 

Прес 24 дознава дека после извршен увид во работата на Националната установа “Филхармонија на Северна Македонија”, од страна на Комисија при Министерството за култура, извршен на 06.09.2023 година, Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска донела одлука за разрешување на Тина Иванова, директорка на НУ Филхармонија, како и на членовите на Управниот одбор на установата. Образложението за разрешување се повикува на Законот за користење и располагање со стварите во државна и општествена сопственост, според кои директорката Иванова требало да постапува совесно, економично, соодветно, уредно, навремено, како и на склучените договори и правилници при издавање на просториите од Филхармонијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ на 07.05.2023 година, но и при издавање простории на економскиот оператор Бока Бистро.

Комисијата открила низа неправилности се наведува во образложението според кое министерката Костадиновска-Стојчевска и разрешува Иванова и целиот Управен одбор. Иако било обврска според договорот, не постојат пишани записници и докази дека закупецот ВМРО-ДПМНЕ ја исполнил обврската од договорот да ангажира најмалку четири лица од редот на вработените на Филхармонија (светло мајстор, тонец, инжинер и координатор), како и 10 лица за обезбедување, уште еден тонец, шест лица за распоред, две лица за сценска техника и три лица за хигиена кои не е задолжително да се од редот на вработените.

На денот на настанот во Филхармонија не биле ангажирани тој тип внатрешни вработени, согласно инспекцијата на Државниот инспекторат за труд. Со тоа, Установата не ја искористила можност да оствари дополнителен приход од закупот на политичката партија и не обезбедила услови за професионално користење на салата. Иванова не успеала да обезбеди никаква документација и записници за примопредавањето на салата, со што не може да се констатира во какви услови истата е предадена на закупувачот и во какви услови и примена назад. За потсетување, медиумите во мај 2023 известуваа за користењето на салата од страна на политички партии додека истата не беше достапна за детскиот фестивал “Златно славејче”.

При тоа, на 8 мај 2023 година, претседателката на УО на Филхармонија Зорица Каракутовска, за порталот Рацин.мк изјави дека за настанот во организација на ВМРО-ДПМНЕ, до УО на установата „барање за ваков настан не е пристигнато“ што укажува на тоа дека салата била издадена без претходно одобрение на Управниот одбор. Според наодите од увидот на комисијата, Иванова како директорка издала фактура кон ВМРО-ДПМНЕ, но истата била платена со задоцнување поголемо од предвидените законски рокови, а при тоа не била наплатена затезна камата, со што Националната установа не ја наплатила оваа финансиска обврска од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Ненавремено се фактурирало и кон правниот субјект Бока Бистро кој е исто така закупец на простор во Филхармонија, а дополнително, надвор од одлуката на Управниот одбор, субјектот изнајмувал и магацин, иако УО донел одлука само за простор за бифе, но не и за магацински простор.

Низ целата оваа серија постапки несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, поради што министерката Костадиновска-Стојчевска донела одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија.

Прес 24 контактираше со службите на Министерството за култура од каде добивме потврда дека Иванова и Управниот одбор се разрешени поради низа откриени неправилности при работењето.

Back to top button
Close