Преседан во македонскиот етер: Поради технички проблеми, МРТ не емитува вести
Македонската радио-телевизија (МРТ) попладнево не успеа да ги емитува своите централни и вечерни информативни изданија на вестите.
Официјалната причина нема, но како што дознава 4NEWS.mk станува збор за технички проблеми. Јавниот сервис попладнево ја остави јавноста без клучните информативни програми кои се темел на нејзината јавна служба. Одложено беше и емитувањето на политичката програма каде требаше да се претстават дел од кандидатите за градоначалници.
Гледачите кои вечерва во редовните термини ги вклучија каналите на јавниот сервис со цел да се информираат за најновите случувања во земјата и светот, наместо очекуваните изданија на „Дневникот“, беа пречекани со алтернативна програма. Отсуството на овие емисии, кои се сметаат за столб на информативната програма и клучна обврска на МРТ кон граѓаните од кои се финансира, претставува значаен преседан и сериозен удар врз функцијата на јавниот радиодифузер.
До овој момент, раководството на МРТ не излезе со детално објаснување за тоа што точно го предизвикало овој колапс во информативниот систем.
Овој инцидент се случува во парадоксален момент за јавниот сервис. Според последните анализи на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, МРТ во изминатата година за првпат по долго време имаше стабилно и целосно буџетско финансирање, што требаше да биде основа за техничко-технолошко унапредување.
Сепак, истите анализи покажаа и загрижувачки тренд на континуирано намалување на бројот на вработени, што го наметнува прашањето дали проблемот лежи во застарена опрема или во недостаток на доволно стручен кадар кој може да управува со сложените системи на модерната телевизија.