Престанете со валканите политички игри – реагира „Комунална хигиена“ откако Општина Кисела Вода ѝ поднесе прекршочна за несобирање на сметот

Престанете со валканите политички игри, ниските удари и обидите да го компромитирате претпријатието – реагираат од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје откако градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска информира за поднесена прекршочна пријава против претпријатието поради нередовно собирање на отпадот на територија на општината.

„И самиот сте добро запознат дека отпадот во Општина Кисела Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на Град Скопје. Во текот на јуни на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1 400 тони комунален отпад. Континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, машинско миење на булеварите со употреба на автоцистерни“се вели во реакцијата на ЈП „Комунална хигиена“.

Од претпријатието посочија дека минатиот месец биле расчистени и 100 кубни метри отпад од голем број диви депонии на територија на општината и велат оти дека досега требало да бидат поднесени пријави против оние што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини.

„Ви советуваме веднаш да пристапите со инспекциски надзор, но не врз работата на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје чиишто ктивности на терен се одвиваат седум дена во неделата во три смени, туку врз несовесните поединци што во последните неколку месеци тенденциозно се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина, со цел да ги доведат во прашање компетентноста и ангажираноста на екипите на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје“,додаваат од претпријатието.

Претходно денеска градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информира дека против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје е поднесена прекршочна пријава во износ од 1 500 евра поради ненавремено и нередовно собирање на отпадот во Општината. Пријавата е поднесена од страна на советник комунален инспектор во Општина Кисела Вода, по направен вонреден инспекциски надзор на територија на Општината, а по претходно добиена пријава од граѓани.

Back to top button
Close