Престолнина на кичот 2014, престолнина на културата 2028?

Може ли да биде „европска престолнина на културата” градот, кој во европската јавност одамна ја има освоено титулата „европска престолнина на кичот”? Приказната за номинацијата на Скопје за оваа титула сведочи за парадоксалната состојба на културата во Македонија во последните две децении.

Советот на град Скопје донел одлука за номинација за титулава во 2014. Годината е симбол за „Скопје 2014”. Можно е тогашниот градоначелник да верувал дека со „Скопје 2014” градот станал „вистински” европски, па затоа достоен за таа титула. Впрочем, и на политичарите кои во „Шарената” демонстрираа против режимот на Груевски, чија суштина е токму „Скопје 2014”, кога дојдоа на власт, не им пречеше „необарокно” маскираната зграда на Владата, затоа што очигледно, повеќе од културата, се грижеа за својата власт. Доколку, пак, меѓу апликаторите имало луѓе кои биле свесни за тоа дека Скопје по 2014 е израз на некултура и невкус, тогаш се прашувам што планираат да направат, за да го скријат центарот на градот од европската јавност? Бидејќи „Скопје 2014“ противречи на суштинските критериуми за титулата „европска престолнина на културата“.

 

Грдиот град и автентичноста на културата

Таа постои од 1985, а е востановена по иницијатива на грчката министерка за култура, Мелина Меркури. Изборот на Атина, како прв град со оваа титула, многу јасно ги отсликува критериумите за неа. Атина ги постави темелите на европската култура.Тие не се само драмите на Софокле и скулптурите на Праксител, туку и античките храмови, византиските цркви и сите зданија кои автентично ја документираат историјата на културата на овој град – од антиката до денес. Атина нема новоизградена античка архитектура, како Скопје. Кичот се препознава само кога ќе се спореди со автентичното уметничко дело. Античките скулптури и градби во Атина зрачат со совршена естетска мера на изразот, на темата и на изведбата. Се разбира, затоа сиот свет им се восхитува на генијалните антички скулптори! „Новоантичките” скулптури и згради во центарот на Скопје имаат нескладни пропорции и невешта изведба. Нивните автори во светот се прославија само како лоши плагијатори. Се разбира, наивно е да се верува дека за четири години во центарот на Скопје можеле да се создадат дела како генијалните дела на грчката антика.

Само тие што не ја познаваат теоријата на културата и естетиката, мислат дека и во грд град може да има автентична култура. Тие забораваат дека архитектурата на еден град е првиот критериуми за неговата културна и естетска вредност. Таа, во нормални услови, јасно го отсликува духот на времето. Трагедијата на Скопје е во тоа што новото лице на Скопје како „антички Дизниленд”, го замислија политичари без елементарно познавање на сушноста на културата. Центарот на Скопје по 2014 е израз на неавтентичност, грдост и копија, на невскус и некултурност. Со тоа градот го загуби својот културен идентитет. Тој културен идентитет порано се препознаваше токму во необичната симбиоза на модерната и традиционалната македонска архитектура. Скопје пред 2014 беше град со вистински европски дух на живеење, отворен за сите модерни уметнички правци и културни вредности. Тој во сите свои историски етапи се градеше во склад со духот на времето. Скопје беше космополитски град, затоа што во него живееја повеќе автентични културни традиции. Камениот мост, тогаш уште во автеничниот изглед, беше врската на модерното и на традиционалното Скопје.

 

Скопје имаше своја приказна

Поземјотресното Скопје стана град на солидарноста, затоа што беше граден со помош од целиот свет. Имаше архитектура која, дури и со делумната реализација на планот на Танге, се сообразуваше со постоечката архитектонска визура на градот. Белата зграда на новиот театар крај Вардар не го попречуваше видикот кон ниските куќи во Чаршијата. Со големото плато пред театарот, таа создаваше за окото пријатен преод од трационалниот кон модерниот дел на градот. Урбаната слика секогаш говори низ естетската форма, низ обликувањето на просторот. Денес Скопје сведочи само за хаос, за недостиг на урбана визија и за негрижа за културното наследство. Тогаш Скопје имаше своја приказна. Ова Скопје ја загуби својата приказна. А затоа што нема веќе своја приказна, Скопје не може да биде престолнина на европската култура. Бидејќи сите европски градови со стара култура, се грижат да ја сочуваат својата приказна. Неа ја чуваат луѓето што си го сакаат градот. Тие што го нагрдија Скопје, очигледно повеќе од културната меморија на градот ги сакаа парите и безвластието.

Во критериумите за титулата се наведува дека градот треба да сведочи со грижа за доброто одржување на старите градби, но и за квалитетот на животот на граѓаните. Дали градот во кој не функционира сообраќајот, а уште помалку отстранувањето на ѓубрето пред зградите, продавниците и пазарите, може за себе да рече дека ги остварил европските вредности на живеење? Културните вредности не се само тетарските претстави и музичките концерти, туку и грижата за урбанистичкиот концепт на градот и за културата на живеење. Вистинската европска вредност е зачувување на автентичните белези на културната меморија и историја на градот. А каква е грижата на градот Скопје за старите градби, за археолошките наоѓалишта, за византиските цркви, за автентичниот изглед на скопската чаршија?

Само на нецели пет километри се наоѓа стариот римски град Скупи, претходникот на Скопје. Од 44 хектари површина на која се простирал Скупи, во тоа време најголемиот римски град на Балканот, денес се истражени само некои 20%. Во останатиот дел расте висока трева и трње. Странските туристи пишуваат на онлајн-форумите за туризам, дека локалитетот изгледа запуштено, дека е тешко да се пријде до него, дека нема доволно инфраструктура, типична во Европа за вакви важни археолошки локалитети. Во секој европски град со вакво археолошко наоѓалиште, не само што досега ќе беше сѐ истражено, туку во неговата близина ќе постоеше и археолошки институт. А тој постојано ќе ги истражуваше наодите и ќе имаше објавено редица квалитетни стручни и информативни студии за Скупи на странски јазици. Scupi е римското име на Скопје, како што Colonia е римското име на Келн. Зародишот на Келн бил исто римска колонија, како и Скупи. Разликата е што Келн го негува тоа како скапоцено културно паметење, како свој идентитет и карактер. Во Келн, во стариот дел околу катедралата, секоја педа при градежни зафати се истражува најнапред од археолозите. Келн има голем музеј, сместен веднаш до катедралата, во кој се изложени сите археолошки наоди. Тоа е „Римско-германскиот музеј”(Das römisch-germanische Museum). Има ли Скопје барем намера да му посвети такво внимание на Скупи? Искрено, не верувам. Затоа што европски град со заслужена титула за престолнина на културата, и досега ќе се грижеше за Скупи и за одржувањето на римскиот аквадукт крај Скопје. Тоа што тој уште стои, и не се урнал досега, се должи само на големата вештина на римските градители, а не на совршената грижа на градот за него. Вистински европски град на културата не ќе дозволеше на зградите од раните 50-ти и 60-ти во центарот на Скопје, во кои беше видливо влијанието на естетиката на Баухаус, да им „залепат” кич-фасади.

 

Преместување на Воинот

Крунскиот сведок на скопскиот кич, всушност, е гигантската фонтана со Александар. Таа го разобличува „Скопје 2014“ како обид за создавање нов македонски наратив, што јасно говори дека тој проект не е културен, туку политички. Отаде малата грижа за естетската вредност на скулптурите и на зданијата. Во европската историја градовите страдале од пожари, од земјотреси и од војни, но Скопје е единствениот град кој „настрада” од неукоста на една политичка гарнитура, на која, за жал, ѝ служеше голема свита од нестручни македонски уметници и научници. Ако Скопје сака во 2028 да тргне на патот на кој, еден ден, би станал автентичен европски град, тогаш треба градот веднаш, за почеток, да ги отстрани барокните фасади од зградата на Владата, на неколкуте станбени згради на плоштадот и барем на Стоковната. Всушност, градот Скопје би покажал дека е верен на идејата на ЕУ, која го поттикнува помирувањето меѓу народите и преку културата, кога споменикот на Александар („Воинот на коњ”), заедно со фонтаната, би се преместил во некој малечок плоштад среде градскиот парк. Вистински знак за европска култура би било кога тој парк би се викал „Парк на пријателството помеѓу Грците и Македонците”. Се разбира, на воинот претходно би требало да му се одземе мечот, зашто во ЕУ нема причина за милитантна иконографија.

Јасно ми е, такво нешто е незмисливо во денешно Скопје. За апсурдите во културата на денешно Скопје сведочи и улогата на „Универзална сала” во целава приказна со титулата. Во медиумите сретнав дека еден од координаторите за програмата во 2028-ма било некое „Здружение Универзална сала”. Во програмата за 2028-ма се наведува и „реконструкција на Универзална сала”. Небаре сме во некоја драма на апсурдот на Бекет, во септември 2023 на Скопје ѝ беше доделена титулата „Европска престолнина на културата”, а во април 2024-тата Универзална сала изгоре речиси до темел, сред бел ден. Што сега ќе координира во културата во 2028-ма тој координатор, кога му изгоре објектот за кој требало да се грижи? Единствената утеха во овој театар на апсурдот за тие што ја сакаат културата е фактот што трагедијата на „Универзална сала” потврдува дека драмите на апсурдот на Бекет и Јонеско се сурова реалност.

(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close