Пресуда за масакрот во Батаклан: Малку балсам за душата

Во изминатите 10 месеци подрачјето околу Палатата на правдата во Париз беше зона од висока безбедност – опкружено е со метални огради и го чуваат полицајци, чии комбиња се паркирани пред зградата. Тука ѝ беше судено на групата од 20 луѓе, од кои 6 во отсуство, бидејќи учествувале или помагале во најкрвавиот терористички напад во Франција од крајот на Втората светска војна. Судот во Париз ги прогласи сите за виновни. Единствениот преживеан атентатор, исламистот Салах Абдеслам доби доживотен затвор, без можност за помилување- најтешката казна која многу ретко се изрекува во француското правосудство.

Деветчлена терористичка група на 13 ноември 2015 година изврши напади врз фудбалски стадион, барови и ресторани и врз музичката сала Батаклан и уби 130 луѓе. По нападите останаа илјадници преживеани, но длабоко трауматизирани луѓе, од кои некои беа и тешко ранети. Меѓу трауматизираните се вбројуваат и членовите на семејствата на настраданите. Над 2.000 луѓе поднесоа приватни тужби во судскиот спор. Пресудата би можела да биде важен чекор, како за преживеаните, така и за Франција.

Давид Фриц Гепингер е еден од оние кои поднесоа тужба. „Не очекував ништо од судењето, но сега сум навистина среќен што имав активна улога во него“, вели тој за ДВ во ходникот пред судницата. А судницата, целата изработена од дрво и која чини 8 милиони евра, е направена специјално за најголемиот судски процес во историјата на Франција. Мамутското судење се снимаше и ќе биде архивирано, заедно со уште 12 други процеси кои се од големо значење за историјата на Франција.

 

Гепингер (30) за време на судењето водеше и онлајн-дневник, кој можеше да се следи на веб-страницата „Франс инфо“ и на која секој ден беше објавувана по една негова фотографија.

 

Гепингер е еден од 300 луѓе кои подигнаа тужба и дадоа изјави пред судот, а кобната ноќ на 13 ноември 2015 година, тој, како и 1.500 посетители, присуствуваше на концертот на американската рок група „Eagles of Death Metal“ во париската сала Батаклан.

 

Утврдување на вистината

„За мене беше многу важно да го изнесам своето видување на она што се случи таа ноќ. Тоа е еден вид на утврдување на вистината, кое е и дел од мојот процес на опоравување“, вели Гепингер. Тој сѐ уште има кошмари.

Утврдувањето на вистината, исто така, е клучно и за полицаецот Мишел Кабош. Додека Фриц Гепингер со другите заложници бил на катот, Кабош и неговите колеги од Бригадата за борба против криминалот (БАЦ75Н) беа првите полицајци кои продреа во музичката сала.

Кога влеговме во Батаклан, пред нас се укажа сцена на масакар“, вели Кабош за ДВ. „Насекаде имаше мртви тела, во воздухот се чувствуваше мирис на барут, а подот го прекриваше крв.“ Во наредните неколку часа, полицајците ги евакуираа сите ранети од Батаклан. „А, тогаш, по сето тоа, ни рекоа да одиме да го да го насочуваме сообраќајот – иако бевме прекриени со крв“, се сеќава Кабош.

 

Како и останатите полицајци кои биле на задача таа ноќ, и Кабош и неговите колеги биле длабоко шокирани од она што го доживеале, но нивните шефови се однесувале како да не ни биле во Батаклан.

 

Успешната операција не се споменува во официјалниот извештај

„Едноставно не бевме споменати во официјалните извештаи или во судската истрага пред судењето. А, кога почнав да зборувам за сето што го што сторивме таа ноќ, ми рекоа да лажам. Бев на црната листа и веќе не бев унапредуван“, вели Кабош.

 

Досега не е поднесено официјално објаснување за овој пропуст, но барем сведочењето за време на судењето придонесе да се реконструираат случувањата. Обвинителите за 10 обвинети побараа доживотна казна затвор. Меѓу нив се и наводните организатори на нападите кои раководеле со меѓународната ќелија на терористичката организација Исламска држава, која ја презеде одговорноста за нападите. За нив се верува дека се мртви. Останатите лица на обвинителната клупа наводно го обезбедиле оружјето и документите за терористите еден ден пред нападите.

Само еден од обвинетите, Салах Абдеслам, на 13 ноември бил во Париз, заедно со останатите 9 напаѓачи. Судењето беше фокусирано на него. Абдеслам не го активирал својот самоубиствен појас – за кој стручњаците велат оти бил неисправен – и побегнал во Белгија. На судењето тој даде противречни изјави. Прво рече дека е борец на ИД, а подоцна од жртвите и од преживеаните побара прошка.

 

Нема доверба во француските власти

Полицаецот Кабош смета дека судењето и пресудата се дел од процесот на исцелување – и неговото лично и заздравувањето на земјата. Но, се чини дека засекогаш ја загуби довербата во француските власти. Од тој ноемвриски ден во 2015 година, тој тренира други. „Целта на овие тренинзи е да се разбере како одредени грешки во начинот на кој постапивме таа вечер може да се поправат и да не се појават при евентуални идни напади“.

„Со тешко срце решив да ја напуштам работата полицаец, иако тоа отсекогаш ми беше работа од соништата. Сфатив колку е тешко да се промени нешто во тој огромен систем“. 41-годишникот основаше неколку консултантски и една приватна фирма за обезбедување: „Сакам да се уверам дека луѓето се подготвени и дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори“.

Извор: дв

Back to top button
Close