Пресудата за Даравелски испишана на 100 страници, по 15 години тој бара повторување на постапката

Без постоење одлука на Царинската управа, без одлука на Владата и без обезбедени средства од Министерството за финансии, поранешниот директор на Царинската управа Драган Даравелски набавувал патнички возила од „Евро кар“ Битола и од Са&Са Компани од Скопје. Даравелски заедно со раководителот на сектор за организациони кадровски имотно правни и финансиско материјални работи во Царина, Киро Доцевски покрај бесправно набавените возила, од депозитната сметка исплаќале физички лица за наводно извршени повремени работи за Царинската управа и доделувале спонзорства со што во 2001 и 2002 година, на штета на Буџетот на државата прибавиле имотна корист од над 1 милион и 650 илјади евра.

Ова е наведено во пресудата за Даравелски и Доцевски, во која тогашната претседателката на судечкиот совет Татјана Дуковска, поранешниот директор на Царинската Управа го осуди на седум години затворска казна, додека пак раководителот на сектор за финансиско работење на четири години и десет месеци. И двајцата се осудени за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување, а Доцевски дополнително и за „Фалсификување службена исправа.

 

Даравелски пресудата во 2007 година ја дочека во бегство. Тој по промената на власт во 2002 година пребегна во Србија, а за него се отвори обвинителен акт и започна судска постапка. Министерството за правда повеќе пати побара негова екстрадиција, Даравелски беше уапсен во Белград по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.

После две децении поранешниот директор на Царинската управа на 10 јануари годинава се врати во земјава, а на преминит „Табановце“ веднаш беше уапсен и пренесен во затворот во Идризово. Наредните денови актуелно беше толкувањето дали делото на Даравелски е застарено на што веднаш одговори судот од Куманово дека извршувањето на изречената казна затвор не застарува со оглед што Основниот суд Куманово по приемот на правосилната пресуда преземал повеќе дејствија, со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано. Истиот ден адвокатскиот тим на Даравелски побара повторување на постапката, поради, како што е наведено, донесена пресуда во отсуство, односно додека Даравелски беше во бегство.

Во пресудата од околу 100 страни, во која МИА направи увид, покрај набавката на возилата и спонзорствата, Даравелски во времето додека беше директор на Царинската управа, а во државава имаше воен конфликт, во појаснувањето е наведено дека тој и Доцевски преку АД „Бисерка“ од Куманово исплаќале фактури за наводна набавка на храна и вода за одбранбените сили, за војската и полицијата, за што сведоците од Министерствата за одбрана и за внатрешни работи потврдиле дека таква помош бранителите не добиле. Во тој воен конфликт од 2001 година за жал животот го загубија над 80 бранители, а стотици беа исселени од своите домови.

Како се одвивала злоупотребата на државните пари според пресудата

Даравелски како директор и Доцевски како раководител на сектор во Царина, по претходен договор искористувајќи ја својата положба и овластување и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, извршиле набавка на патнички возила „Шкода фелиција“ во износ од 47.309.145 денари од „Евро кар“ Битола, за што Даравелски со профактура авансно од жиро сметка на Царина со ЗПП образец од 25 декември 2000 година, потпишан од негова страна префрлил 35.482.635 денари, а обвинетиот Коцевски со четири налога од 23 мај, 5 јуни, 28 јуни и 28 декември 2001 година од депозитната сметка на Царинската управа префрлил 11.826.510 денари на „Евро Кар“ и на Са&Са Компани за две патнички возила „Ауди А6“ во вкупна вредност од 3.351.502. Сето ова, според судот го направиле без постоење на одлука на Царинската управа за потребата за набавка на возила како и без претходно да се обезбедат средства од Министерството за финансии.

Во август 2017 година Владата предводена од Зоран Заев откри дека нивните претходници исплаќале службеници кои никојпат не се појавиле на работа, но почетоците на таквата пракса на плаќање работници со државни пари без да се појават на работа најверојатно се од 2001 година. Во пресудата за Даравелски судечкиот совет појаснува дека без одлука на Владата, без претходно склучен договор, Даравелски и Доцевски префрлиле вкупно 2.432.698 денари на Младинска задруга „Леон“ од Куманово од депозитната сметка на Царина која е наменета за времено собирање средства поврзани со царинска постапка, како и од 2002 година од сметката при Стопанска банка каде мигририрала депозитната сметка и сметката во Комерцијално инвестиционата банка Куманово, на име повеќе физички лица кои немале склучено Договор за дело, а за наводно извршени повремени или привремени работи за потребите на Царинската управа.

Со 15 вирмани потпишани од Доцевски, се наведува во пресудата, извршено е вкупно 1.662.302 денари префрлање од депозитната сметка на Царинската управа на Младинската задруга „Леон“ од Куманово на име на исплата на повеќе физички лица за работно ангажирање и извршување повремено и привремено работи во Царинската управа иако знаеле дека 25 од нив не биле работно ангажирани, не извршувале повремено и привремено работи и не евидентирале во списоците доставени во царинските испостави како ангажирани лица и за кои од префрлените средства е извршена нето исплата од вкупно 820.926 денари.

Судијката Дуковска во пресудата наведува дека Даравелски и Доцевски со вкупно доделување на 86.081.067 денари на име спонзорство од депозитната сметка на Царина и од сметката на Стопанска банка и Комерцијално инвестиционата банка Куманово, на штета на Буџетот на РМ во 2001 и 2002 година прибавиле значителна имотна корист во вкупен износ од 103.576.167 денари, од кои во 2001 година износ од 65.381.198 денари и 38.196.969 денари во 2002 година, за повеќе физички и правни лица во РМ. При тоа Доцевски во повеќе службени исправи-договори за цесија, внесувал невистинити податоци лажно прикажувајќи долгување на Царинската управа према повеќе правни лица. Тоа го правел на начин што од набавените 75 патнички возила Шкода фелиција по цена од по 728.045 од Евро кар Битола и двете патнички возила Ауди А6 од Са&Са Компани, по цена од 1.649.326, односно 1.702.176.00, 25 патнички возила Шкода фелиција без постоење на правен основ отстапиле: едно на ЈП за Стопанисување со спортски објекти, по едно на општините Самоков, Јегуновце, Другово, Маврови анови, Подареж, Конче, Карбинци, Орашец, Вранешница, Илинден, Вратница, Конопиште, Добрешево, Пласница, Кривогаштани, Витолиште, Новеци, Тополчани, Долнени, Центар Жупа, Сопотница, Петровец и две на Гази Баба.

За сето ова да го пркријат, според пресудата, Доцевски по налог на Даравелски во 25 службени исправи – Договори за цесии внел невистинити податоци, лажно прикажувајќи дека Царинската управа има финансиски долг према сите 25 правни лица, на кои им биле отстапени возилата, потпишувајќи ги во име и заверувајќи ги со службен печат на Царинската управа, а двете возила „Ауди А6“ без правен основ и без одлука на Владата за преотстапување на основни средства ги отуѓиле на Општина Чаир и на Брегалничката Епархија од Штип.

-Откако со инструктивни телеграми бр.02-371/1 од 31.01.2001 г. и бр. 05-4958/1 од 28.12.2001 г. Драган Даравелски незаконски ги обврзал Царинските испостави во Република Македонија средствата наплатени по разни основи, наместо во Буџетот на РМ да ги уплатуваат на депозитната сметка на Царинската управа со што обезбедил прилив на парични средства и од кои донел одлука бр.02-859/2 од 14.03.01 со која се овластил сам себе да доделува спонзорство и финансиска помош, пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања и двајцата обвинети и тоа Даравелски со 48 потпишани налози, а Доцевски со 109 налога на штета Буџетот на РМ на име спонзорство и плаќање по доставени фиктивни фактури, префрлиле од депозитната сметка на Царинската управа вкупно 49.495.870 денари на повеќе физички и правни лица прибавувајќи им имотна корист. На ФК Куманово каде Даравелски бил претседател и потписник на жиро-сметката во 2001 година префрлиле износ од 18.268.280 денари од кои преку жиро сметка ОФС –Куманово износ од 14.018.280 денари во период кога жиро сметката на ОФК Куманово била блокирана, а на 16 јули 2001 година по профактура бр.0195/01 извршил уплата на 1.775.790 денари на Прима ауто од Битола за набавка на автобус марка „Застава ивеко“ за потоа Доцевски во службената исправа – Договор за цесија склучен помеѓу ФК Куманово, Прима Ауто и Царинската управа лажно прикаже дека Царинската управа има финансиски долг кон ФК Куманово заверувајќи ја со свој потпис и печат од Царинската управа, се наведува во пресудата.

На АД „Бисерка“ од Куманово префрлиле пари прибавувајќи имотна корист од вкупно 7.953.240 денари и тоа на име ноќевање на кошаркарите и користење хотелски услуги во хотел КУБА од Куманово 868.800 денари, иако немало склучен договор за користење на услуги, ниту пак истите се дадени, со налог од 16 август 2001 потпишан од Доцевски по фактура од АД „Бисерка“ одобриле префрлање од 1.000.000 на име „појачана исхрана“ на времено раселените лица од Кумановскиот регион, а за кои плаќање се вршело од МТСП врз основа на договор 10-2845/701 од 2 јули 2001 година склучен меѓу Министерството за труд и социјална политика и АД „Бисерка“ на 5.770.000 денари

Исплатите кон АД „Бисерка“ продолжиле и за наводно испорачани прехранбени артикли за потребите на одбранбените сили – полиција и војска врз основа на доставени фактури, кои не биле поткрепени со пропратна документација и за наводно испорачани сендвичи износ од 314.440 денари, потоа за ракометниот клуб жени од Куманово во износ од 1.100.000 денари, за ракокметниот клуб мажи во износ од 1.000.000 за Кошаркарскиот сојуз на Македонија во износ од 108.000 денари, за АЛБ – АСС Тетово во износ од 30.000 денари……

Злоупотреба на своето овластување, според пресудата, Даравелски направил кога од обезбеден прилив на парични средства на депозитна сметка на Царинската управа со претходно доставените инструктивни телеграми во 2001 година до Царинските испостави во РМ и спротивно на овластувањата во донесената одлука бр.02-10/1 од 8 јануари 2002 година, со која поранешниот директор на Царинската управа се овластил самиот себеси да доделува спонзорства и финансиска помош од депозитната сметка на Управата. Префрлени се вкупно 36.585.197 денари на повеќе физички и правни лица.

Во пресудата, судијката Дуковска им изрекува забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од 5 години од денот на правосилноста на пресудата на Даравелски и Доцевски и наведува дека им се запленува имотната корист во вкупен паричен износ од 105.575.167 денари.

Откако завршија сите жалбени процедури и отстранети сите правни пречки, во 2010 година државата започна да го запленува имотот што успеваше да го детектира. Од Даравелски одземени се стан во центарот на Скопје од 119 метри квадратни, деловен простор во Куманово, а од Доцевски стан во Куманово од 74 метри квадратни. Државата во 2010 година конфискуваше акции од компаниите поврзани со Даравелски, како што се „Југоопрема“, кумановската фабрика за тули „КИК“, „Козјак“, „Трготекстил“ од Скопје и ЗИК „Скачковце“ од Куманово, но и од ИК Банка и СТАТЕР банка од Куманово.

Back to top button
Close