Претераниот оптимизам за зелената агенда

Неодамна петмина лидери на држави од регионот разговараа со потенцијални норвешки инвеститори околу можностите за вложување во обновливи извори на енергија. Во таа прилика е истакната желбата и подготвеноста на земјите за активно вклучување во зелената агенда. Притоа се наведени можностите за искористување на сонцето, ветарот и водата како извори на чиста енергија. На тој начин би се вклучиле во планот на ЕУ за зелена транзиција дефиниран 2019 година, а кој сега добива уште повеќе на тежина поради војната во Украина која од една страна доведе до огромно поскапување на енергенсите, а од друга ја наметна потребата од ослободување од енергетската зависност од Русија.
 Енергетската транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија е јасна и недвосмислена определба на ЕУ, како и на останатите западни држави, па и на целиот свет и тој премин е секако неопходен. Меѓутоа со текот на времето, од ден на ден, на површина излегуваат се повеќе противречности на тој процес кои можеби не влијаат на крајната цел, но на динамиката и стратегијата секако.
   Покрај запирањето на климатските промени, остварувањето на енергетска независност, во случајов од Русија, главна цел е и заштита на човековата околина од загадување. Станува меѓутоа се поочигледно дека предвидените мерки не се кохерентни и конзистентни и се внатрешно противречни, доведувајки до појави кои ги поништуваат позитивните ефекти од преземените активности. Или, како што вели оној графит, лечејки го срцето го упропастив црниот дроб.
   Каде всушност лежи проблемот или поточно проблемите бидејки ги има повеќе. Најпрвин околу зависноста. Бегајки од зависноста од Русија, ЕУ па и цела Европа влетува во прегратките на Кина во иста, па дури и поголема зависност. Имено скоро сите суровини, метали и минерали, кои се неопходни за зелена транзиција ги поседува Кина од кои најголемиот дел во 70 до 90 посто, а тие кои не ги поседува таа ги има Русија, а од Русија, заради санкциите ги увезува само таа. Доколку не се од Кина и Русија тогаш се од на пример Индонезија и Филипините, а таму концесиите за рудниците ги држи, погодувате, пак Кина. Без тие суровини нема зелена транзиција бидејки без нив нема ни фотоволтаици, ни електрани на ветар, ни електроника, ни батерии, ни електрични автомобили. Значи ЕУ, па и најголем дел од светот скоро во целост би зависеле од Кина што сериозни актери на светската политичка арена никако не смеат да си го дозволат. Импликациите се неизбежни и многубројни. Она што прво паѓа на памет е кога во такви околности Кина би го нападнала Тајван во светот би настанал целосен хаос. Западот би морал да воведе санкции и на тој начин би ја пресекол гранката на која седи. А такво сценарио воопшто не е неверојатно, дури е минималистичко. Геополитиката е незгодна дисциплина, а геополитичката реалност, во контекст на зелената транзиција станува се посложена.
   И идејата дека со зелената транзиција ќе се забават и спречат климатските промени стои на се поклимави нозе. ЕУ дури се залета дека до 2035 ќе престанат да произведуваат бензински и дизел автомобили, но кога се соочија со фактите набргу ретерираа. За да возат сите автомобили на електричен погон потребно е огромно производство на струја, а таа ни во моментов ни во блиска перспектива не може да се произведе од обновливи извори. Ова особено ќе биде проблем кога потребите за електрична енергија драстично ќе се зголемат. Во тој случај потребната струја покрај од обновливи извори ќе мора да се произведува и од фосилни горива, како и од нуклеарни реактори кои се повеќе се наметнуваат како неопходност. Друг проблем е што зелената енергија е нестабилна и нестална, а енергетскиот сектор мора да обезбеди стабилност на системот. Базната енергија не може да биде обезбедена од такви нестабилни извори и уште долго време класичните електрани ќе бидат незаменливи.
   Покрај ова преоѓањето на зелена енергија претпоставува огромно, неколкукратно зголемено производство на разни видови метали и минерали кое нешто изискува огромни количини на енергија како за производство така и за нивни транспорт. Многу од овие суровини доаѓаат од прекуокенски држави и самиот нивен транспорт претставува големо загадување и остава значителен карбонски отисок. Парадоксот е очигледен.
   Од аспект на заштита на животната средина исто така постојат многубројни контрадикторности. Самото производство на потребните суровини, кое ќе мора многукратно да се зголеми, бара многу енергија, а уште повеќе претставува голем загадувач на природната средина. Примерот со литиумот е особено интересен поради неговата круцијална улога во зелената транзиција. Неговото производство предизвикува големи негативни нуспојави за околината што го прави неприфатлив за експлоатација за локалните заедници. Особено во густо населени држави какви што се европските. Во Европа најголемо наоѓалиште на литиум има на границата помеѓу Шпанија и Португалија меѓутоа поради отпорот на локалното население не се експлоатира ни во едната ни во другата држава. Слично е и во Германија, во нејзиниот јужен дел, а неодамна бевме сведоци и на револтот во Србија. Штетноста по околината е огромна и при експлоатација на останатите суровини неопходни за зелената транзиција и тие метали и минерали дури и кога ги има во западните држави како Европа и САД на пример, не се експлоатираат заради штетноста и се увезуваат главно од Кина и некои азиски и јужноамерикански држави кај кои не постојат построги еколошки стандарди. На тој начин се доаѓа во парадоксална ситуација да суровините неопходни за зелена транзиција главно ги нема, а и кога ги има не се погодни за експлоатација. Покрај ова од еколошки аспект се штетни и малите хидроцентрали кои на почетокот беа промовирани како погодно решение за задоволување на потребите за електрична енергија.
   Се чини изненадувачки колку површно е влезено во еден таков стратешки проект каков што е зелената транзиција и се влегло во “олако обечана брзина”. Една реномирана студија покажува дека прокламираната цел на Велика Британија своите енергетски потреби да ги задоволува претежно од сонцето и од ветарот е сметка без крчмар бидејки за такво нешто едвај да би била доволна целата површина на Велика Британија, што би бил еколошки, прехрамбен и секаков проблем. Како што споменав ЕУ најави па се повлече од најавата дека после 2035 веќе нема да произведува возила со мотори на фосилни горива, но набргу увидоа дека е неизвесно дали ќе можат да ги обезбедат потребните предуслови бидејки им фали и литиум и скоро сите останати суровини, им фали енергија, им фалат места за полнење на електричните возила кои би требало да ги има барем околу 7 милиони, само нема да им фали загадување затоа што возилата освен од издувните гасови, воздухот го загадуваат и со абење на пневматиците и кочниците, особено кај електричните возила кои се потешки од обичните. Згора на тоа околу 600.000 високо квалификувани работници би останале без работа.
   На каков начин ова ја тангира Македонија, на секаков. Се што важи за Европа во поглед на недостаток и зависност од суровини важи и за нас. И целата територија да се покрие со фотоволтаици и електрани на ветар не би се обезбедило доволна, а особено не стабилна енергија. Тие можат да бидат помошен извор на енергија, но главен секако не. Во кој точно правец треба да се оди треба да кажат енергетските експерти, но неоспорен е фактот дека на ова ниво на технолошки развој зелената енергија покажува значителни слабости кои мораат да бидат земени во предвид при дефинирање на енергетската стратегија, а не да се оди со грло во јагоди.
Љупчо Довичински

Back to top button
Close