Преткривична постапка за началникот на полицијата во Нови Сад поради давање мобилни телефони и часовници на полицајци
Специјалното одделение за борба против корупцијата при Вишото јавно обвинителство во Нови Сад покрена преткривична постапка во врска со случајот „подарување мобилни телефони и паметни часовници“ на припадници на интервентните полициски единици (ИЕП) во Нови Сад, објави весникот „Данас“.
Обвинителството за „Данас“ потврди дека е земена изјава од началникот на Полициската управа во Нови Сад, Никола Петровиќ, како и од уште 34 полицајци и други лица.
Весникот „Данас“ повикувајќи се на извор од МВР на Србија објави дека на командири на водови и одделенија во Интевентната полиција во Нови Сад им биле дадени мобилни телефони и паметни часовници како „мал знак на внимание“ за нивните напори за претходните четири месеци.
На командирите им биле дадени мобилни телефони Samsung S25 како подарок, додека на командири на одделите (помали формациски единици во рамките на вод) им биле дадени паметни часовници како подарок.
Според изјавите на неколку полицајци кои се членови на ИПЕ, подароците на полицајците лично им ги врачил началникот на Полициската управа на Нови Сад, Никола Петровиќ.
При предавањето на подарокот на полицајците, тој рекол дека тоа е мал знак на внимание за нивните досегашни напори, со оглед на тоа што во Србија се одржуваат речиси секојдневни протести.
Овие „подароци“ не потекнуваат од Министерството, ниту пак им биле поделени на полицајците според официјална процедура, објави „Данас“.
Откако „Данас“ ја објави таа сторија, кривични пријави против началникот Петровиќ за поткуп и проневера поднесоа поранешниот претседател на Воениот сојуз на Србија, Новица Антиќ, како и член на граѓанското движење „Браво“ во Нови Сад, Миран Погачар, додека адвокатот Иван Ниниќ поднесе жалба во врска со тие обвинувања до Одделот за внатрешна контрола на МВР на Србија.