Претседателката да не го потпишува КЗ, бараат од Платформата за граѓански организации за борба против корупција
Платформата за граѓански организации за борба против корупција испрати допис до претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, со кој бара да не го потпише указот за Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и да го искористи уставното право на вето.

Во дописот се наведува дека измените на кривичните дела за злоупотреба на службена положба и несовесно работење ги намалуваат казните и го ограничуваат досегашниот опсег на заштита на јавните средства, што може да доведе до правна несигурност и институционална конфузија во борбата против корупцијата.
Платформата исто така укажува дека комбинирањето на спорните антикорупциски решенија со одредби за Истанбулската конвенција ја отежнува јавната и стручната расправа и повикува на доработка на законот пред неговото прогласување.






