Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, ги отфрли шпекулациите за нејзина кандидатура на изборите во Франција

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денеска изјави дека не е кандидат за никаква политичка функција во Франција, отфрлајќи ги шпекулациите дека можеби ќе ја напушти ЕЦБ за да се приклучи на кампањата за претседателските избори во земјата во 2027 година.

„Не сум кандидат за ништо, но многу ми е грижа Европа да биде заштитена и рамката во која функционираат земјите-членки, вклучително и Франција, да остане“, изјави Лагард во интервју за „Евроњуз“.

Таа изјави дека ги следи политичките случувања пред претседателските избори во Франција закажани за април 2027 година и изрази надеж дека Франција ќе продолжи да игра важна улога во Европската Унија.

„Се надевам дека разумот ќе преовлада и дека Франција, без оглед на тоа кој ќе стане нејзин лидер, ќе го цени фактот дека е една од клучните членки на Европа“, изјави Лагард.

Лидерката на десничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен, изјави оваа недела дека сè уште има намера да се кандидира на изборите во 2027 година, откако Апелацискиот суд во Париз ја потврди пресудата во случајот за проневера на средства од Европската унија.

Лидерот на левицата, Жан-Лук Меланшон, исто така, ја објави својата кандидатура, па некои аналитичари проценуваат дека втор круг избори меѓу двајцата би можел да биде едно од можните сценарија.

На прашањето дали таков исход би можел да претставува закана за политичката и економската стабилност на Франција и Европа, Лагард рече дека очекува демократскиот процес да функционира и потсети дека до изборите има доволно време за политички промени.

Проевропските кандидати кои се споменуваат како можни ривали на Ле Пен во моментов се поранешниот премиер Едуар Филип и поранешниот премиер Габриел Атал, иако заостануваат во некои анкети на јавното мислење.

Пред да дојде на чело на ЕЦБ, Лагард беше генерална директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а претходно министерка за финансии на Франција во владата на поранешниот претседател Никола Саркози

Back to top button
Close