Претседателката на Европската комисија порача: Стоиме покрај народот на Венецуела

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во саботата порача дека Европската унија стои покрај народот на Венецуела и ја поддржува мирната и демократска транзиција во земјата.
„Стоиме покрај народот на Венецуела и поддржуваме мирна и демократска транзиција. Секое решение мора да ги почитува меѓународното право и Повелбата на ОН“, напиша фон дер Лајен на социјалната мрежа X. Таа додаде дека ЕУ внимателно ја следи ситуацијата и ги повика граѓаните на Унијата во Венецуела да се потпираат на целосна поддршка од европските институции.
Оваа изјава следи по американската воена интервенција во Венецуела. Соединетите Американски Држави изведоа напади врз земјата, а претседателот Доналд Трамп соопшти дека претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга се уапсени и одведени надвор од државата.
Нападот, кој беше од „големи размери“, го изведоа американските сили, а операцијата за апсење на Мадуро ја спроведе елитната специјална единица Delta Force. Ситуацијата во Венецуела останува кревка и неизвесна, додека меѓународната заедница ги следи развојот на настаните.
Извор: skopje1.mk






