Претседателот на Алтернатива: Не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир

Ниту тогаш, ниту сега имам амбиција да се кандидирам за градоначалник на Чаир. Можам да кажам дека само ги почитувам одлуките донесени од субјектот што го застапувам. Верувам дека има многу кандидати кои ќе го освојуваат Чаир и не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир.

Ова во интервју за државната МИА го вели претседателот на партијата Алтернатива која е дел од Коалицијата ВРЕДИ, Зеќирија Ибрахими.

Тој на локалните избори во 2017 година како член на Движењето Беса беше кандидат за градоначалник на Општина Чаир.

-Реално ниту тогаш не сум имал амбиции, а немам ни сега. И тогаш, и сега, можам да кажам дека само ги почитувам одлуките донесени од субјектот што го застапувам. Уште тогаш беше барање на субјектот јас да се натпреварувам на локалните избори во Чаир. Денес не сме во такви позиции. Верувам дека има многу кандидати кои ќе го освојуваат Чаир и не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир. Но, не дека категорично го одбивам ако се оцени како барање на субјектот и нашето членство. Сепак, се надевам дека во Чаир ќе имаме добра застапеност и тоа да биде во интерес на граѓаните на Чаир. Се надевам дека тоа ќе се постигне со кандидат на ВРЕДИ, особено што нашето владеење има посебен фокус на развојот на општините и мислам дека Чаир има можност да добие многу – истакнува Ибрахими.

Тој нагласува дека не постои ниту една причина да се оди на предвремени парламентарни избори.

-Не. Ова го изјавивме и ние и премиерот, дека не постои ниту една причина да се оди на предвремени парламентарни избори. Мнозинството е стабилно. Реално, ние се договоривме локалните избори да се одржат одделно и да се одржат наесен оваа година, некаде кон средината на октомври. Парламентарните избори треба да се одржат во нивниот редовен термин во 2028 година. Жал ми е што ќе ја разочарам албанската опозиција, но нивната судбина е таква, посочува Ибрахими.

Потенцира дека со ВМРО-ДПМНЕ како владин партнер била постигната начелна подготвеност да се поддржат на локалните избори.

-Ова се случува во секој изборен циклус на локалните избори. Не само владејачките партии, туку и опозициските партии се поддржуваа меѓусебно или за листите на советници или за кандидатури за градоначалници. Следствено, во функција на ова, г-дин Мицкоски има изјавено дека ќе ги поддржи кандидатите на ВРЕДИ. Не сме зборувале за детали, но верувам дека во наредните денови по распишувањето на локалните избори ќе имаме и поконкретни разговори за тоа каде и како можеме меѓусебно да дадеме поддршка, рече тој.

Ибрахими посочува дека дека до крајот на месецот ќе почнат да ги објавуваат имињата на кандидатите со кои ќе се натпреваруваат на локалните избори. Потенцира дека во некои општини ќе дадат поддршка и за независни кандидати

Back to top button
Close