Претседателот на Црна Гора ја потпиша спорниот договор со ОАЕ за туризам и недвижности
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ денеска потпиша указ за прогласување на контроверзниот Договор за соработка меѓу Црна Гора и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во областа на туризмот и недвижностите, иако тој и дел од црногорското општество не го одобруваат, објавија црногорските медиуми.
Дел од невладиниот сектор, опозицијата, како и самиот Милатовиќ, сметаат дека документот е спротивен на Уставот на Црна Гора и на правниот поредок на Европската Унија, особено во поглед на јавните набавки, транспарентноста и конкуренцијата.
Како што наведуваат од кабинетот на претседателот, Милатовиќ со жалење констатирал дека, и покрај тоа што со аргументирано образложение го вратил законот на повторно разгледување, пратениците од владејачкото мнозинство на 3 јуни повторно го усвоиле, ставајќи ги интересите на граѓаните во втор план.
Договорот беше потпишан кон крајот на март од премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, и министерот за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан. Во април пратениците усвоија две билатерални спогодби со ОАЕ – една за економска соработка, и друга, спорната, за туризам и развој на недвижности. Пратениците од најголемата опозициска партија – Демократската партија на социјалистите (ДПС) – не беа присутни на гласањето.
На 29 април, претседателот одби да го потпише указот за објавување на спогодбата за туризам и недвижности и го врати на повторно гласање.
Милатовиќ, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, повторно истакнал дека оваа спогодба, во обликот во кој е донесена, е правно и политички штетна за државните интереси.
Во соопштението се посочува дека спогодбата директно противречи на Уставот и на законите на Црна Гора, укинувајќи примена на клучни домашни регулативи – меѓу кои и оние за јавни набавки, државна сопственост и заштита на конкуренцијата.
На овие проблеми укажаа бројни правни експерти, претставници на граѓанскиот сектор, меѓународни организации, како и самата Европска комисија.