Претседателот на Европскиот совет бара Навални веднаш да биде ослободен

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел повика итно да биде ослободен опозицискиот руски лидер, Алексеј Навални откако вечерва беше приведен на аеродром во Москва.

-Приведувањето на Навални по доаѓањето во Москва е неприфатливо, рече Мишел. Тој ги повика руските власти веднаш да го ослободат.

Според дел од медиумите, во вторник, на 19 јануари, судот ќе одлучи дали Навални ќе биде задржан или ќе биде пуштен бидејќи во Германија не се придржувал на обврската да ги информира руските власти за местото на престој додека му траела условната казна.

Тој пред да биде уапсен изјави дека воопшто не се плаши, а истото го изјави и неговата сопруга. Според експертите, враќањето на Навални во Русија е голема дилема за Кремљ, бидејќи ако го остават на слобода, ќе покажат слабост, а ако го уапсат ќе предизвикаат скандал и ќе следуваат обвинувања за гушење на слободата.

Навални се лекуваше во Германија и вечерва за прв пат се врати во Русија откако беше отруен.

Back to top button
Close